амбиент (м.)

Во тремот е свежо, пријатно. Овде изненадува и привлекува богат и вкусно изграден амбиент на стара чорбаџиска куќа.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Огромна е железничката станица која зафаќа доминантно место на „Монпарнас“ и која со својата својстсвена современа архитектура многу се разликува од старовременскиот амбиент.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Впрочем, амбиентот на „Белжик жоаез“ те гони на игра и на песна, и - на печено јагне.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
И неусетно овој амбиент те пренесува далеку од зазбивтаниот Париз, од автомобилската бучавост, која и овде, од далечина, допира одвај чујно.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Низ непрегледно песочниот амбиент композиторот наидува на момче свртено со грб кон него. Се слушаат звуци.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Напукнатите филџани врз измрсениот чаршав се вклопуваат во преживеаниот амбиент на кафеаната „Пирин“, и скоро сум задоволен кога Теодора остро ги прекинува моите присеќавања за старото маало: - Имам помала сестра.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Замижа. Одеднаш се најде во оној дел од родниот град, со темни калдрмени сокачиња, за кој толку често раскажуваше или го опишуваше во писмата до најблиските како магичен амбиент на своето детство.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Оваа омеѓеност, меѓутоа, не претставува хендикеп, таа го одредува плодотворниот амбиент на силните влијанија што младиот Бредбери ги почувствувал од опусот на Едгар Алан По.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Африканската музика обележува практично сѐ што правам - дури и амбиентот, бидејќи тој произлегува директно од желбата да видам што сѐ ќе случи ако ги „отклучиш“ звуците во дел од музиката, им ја дадеш нивната слобода и не ги навиеш сите според еден ист часовник.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Бавењето со ликот на Хитлер во тоа време повеќе беше некаква провокација за зацементираното официјално културно миље и пред сѐ провокативно испитување на цензорскиот амбиент кој во тоа време како да почна да ја доживува својата прва кризна фаза.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Затоа, штом се симнав од валканиот воз и минав низ Железничката станица, една стара зграда што и по својот изглед и амбиентот недвосмислено потсеќаше на последните романтично утописки денови на грофот Толстој, без нервоза тргнав пешки низ паркот што започнуваше веднаш тука, едно дваесетина метри подалеку од станицата.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Интернет создава симулација на слободата и во таквиот амбиент помага за развивање на идеи коишто потенцијално се деструктивни за секоја апсолутистичка моќ.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Рајт направи компактна анализа на пост-Е „денс сцената“, од амбиент клубовите и фри забавите до геј клубовите.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Здогледувајќи го татка си во тој секојдневен амбиент, на светлината на сѐ уште неисчезнатиот ден, Наташа одеднаш инстинктивно сфати дека тоа е стварност а не „халуцинација“ и онака истоштена викна со сета сила што ѝ беше преостаната: -Татенце, татенце, што правиш?!
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Излегов од возот и тргнав надвор во оној амбиент што го имаат станичните квартови.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Еднаш на две недели, одам таму и да си ја наполнам корпата, и да си уживам во амбиентот.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Ги пакував книгите и испишаните хартии, мојот кутар есеј остана незавршен. Поставени беа основните тези и дури некои од нив разработени за природниот амбиент и неговата поврзаност со секојдневието на луѓето.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Тивката музика од музичарот на клавир совршено се вклопуваше во амбиентот, а персоналот кој ни се претстави кога започнавме со вечерата, сите беа доктори по кулинарство, со искуство стекнато во најреномирани светски ресторани.
„Седум години“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2012)
Се посветив на убавиот амбиент со пејсаж на градот и долго гледав во хоризонтот каде што небото и езерото водеа љубов како дава лебеди припоени од нежност.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Се случуваше новиот играч да биде најмногу предмет на разговорот, особено ако добро се вклопеше во играта и амбиентот.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)