белее (несв.)
По мирната видна поврнина, извртени на грб, се белееја многу риби, замелушени од експлозијата. – Гледаш ли? – гордо рече Беличот, кога почнаа да ги берат рибите.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Како огромен шарен килим долу се простираше полето и искапено во утринската роса се преливаше во златото на узреаните оризови класја, во зеленилата на тутуновите стеблинки, а тек-тук се белееја и снежните пахулки на памукот што избиваше низ распуканите чушки.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Тоа толку го притискаше, та иако имаше одвај триесет годиии, почна да белее. Но немаше каде.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Неговите заби, тоа можат само неговите заби, волче се белеат во темнината.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Реката мрзливо ползеше крај колибите. Таа непрекинато се влечеше и се провираше низ камењата, коишто одвај се белееја и ѕиркаа во темната ноќ.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Но тоа не е сенка од дим, туку сенка од јато бели галеби што прелетуваат над дреите, што се белеат на песочето крај езерото.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
МЛАДИЧОТ: Дури сега почна да белее и да личи на мугра.
„Црнила“
од Коле Чашуле
(1960)
Беше тоа еден бакарен јамак, во кој предмалку стави еден грст грав и го дополни со вода, под водата гравот се белееше многу побело од снегот и зрната жевареа испрекршувајќи се во одблесокот, а сега сиот грав имаше жебурави лушпи додека зовираше, и јамакот црвено проблеснуваше со својата загреана бакарна површина.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
И како притоа се белеат неговите заби, вивнати во таа безнадежна празна темница.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Дрвчињата беа расцутени и на нив како снег се белееја пупките цут.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Овде-онде, се белееја како бели чадорчиња мали печурки.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Кога ќе погледнеш од другата страна, откај Илинска Планина, селцето се белее и личи на бела грутка снег.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Низ тревата ѕиркаа темјанушки, се белееја малите главички на боливачот.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Беше тиха јулска ноќ, од небото грееше полна месечина, а јадрите праски примамливо се белееја.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Во жолтата ’рж, во нивата под Дуковската колипка, се белееја жетварски забратки.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
11 Мотив: рана пролет: Брегот на Профим зазеленет; неколку јаболкници и праски избрзале, порано расцутеле, се преливаат во алови и бели бои; по падините на брегот излетале и првите жолти цветчиња расфрлени како распукани жолчки; белее куќата на Профим, која е скоро варосана, а покривот црвенее како тукушто пресечено месо; по брегот пасат неколку овци, кои, чиниш, не се движат, небаре стојат во излог за детски играчки; еден коњ слегува по патеката со крената опашка како да лебди во воздухот; две шареникави добичиња, крава и вол, со издолжени вратови брстаат по зеленилото спуштено ниско и се допираат, се чешкаат со колковите; по коњот оди човек (веројатно Профим) со лимена кофа в рака; на кофата е паднато сонцето и облеснува; нишајќи ја кофата, човекот како да сака да го брецне сонцето; друг некој (веројатно Скрче) се шета низ бавчата, оди од стебло на стебло и ја потпира главата на нив, како да ги гризе.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
По брегот се белееја коски од распаднати риби околу кои птиците водеа борба и се клувкаа.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Правена е по план, донесен од Германија, каде што тако му работеше како слаткар: куќата е со висок стрмен покрив кој не држи снег, и на кој, на сите четири страни, има тавански прозорчиња што го осветлуваат просторот под покривот; на сите четири ѕида од куќата: и на долниот и нагорниот кат, има мали дрвени балкончиња и тесни врати кои излегуваат на нив; над нив има гипсени украси: развлечени триаголници што се испакнуваат од фасадата; по рабовите на куќата, исто така, се спуштаат гипсени бордури; куќата е обградена со зеленило што ја прави уште поубава; пред куќата нема градина како пред многу други куќи, туку е посеана ниска трева која како зелено кадифе го покрива сиот простор; низ тревата постојано се разлева една браздичка со вода и ѝ дава свежина и силно, блескаво, зеленило; пред куќата, под лозницата што е разгранета на дрвени потпирачи, се белее гроб направен од мермер; околу него цвеќиња и масичка и столчиња направени од преполовени костенови стеблаци; оградата на дворот е од мазни дабови плотици со куси врвови исшилени како запци од шара.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Чист, измиен мермерот се белееше на сонцето, а сликата на мајка ми уште појасно испакнуваше на него.
„Друга мајка“
од Драгица Најческа
(1979)
Дали се белеат веќе во мојот примижан поглед врвовите на Шара или трињето по снегот трепери по полошките нивје.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)