бревта (несв.)
Хармоникашот зад нив допре со ковчестите прсти некаков остар и болен мол и го разбуди бревтањето на замрената локомотива зад станицата. „Во дворот на еден оџа власта денес откопала дузина митралези“, рече еден од браќата. „Затоа ноќе мачките лаеја како пци.“ Отец Симеон ги склопи очите и се заниша.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Возот тресе, бревта локомотивата како да боледува од астма и сѐ оди пополека со денови, со ноќи.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
При спиење крчеше силно, бревташе како заклан јунец, како вулкан да клокоти.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Коњот бревташе од нејзината тежина, а и Дукле имаше голема мака помагајќи ѝ да се качи и да слезе од коњот.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Како кутнато стебло по надолнина однегде се дотркалал еден од племето на Проказниците, некој недоучен тревар Пандил Димулев, син на свој дедо, ако можело да се верува, зашто кога тој се раѓал, татко му не бил в село повеќе од две години; го кренал од земја скршениот дел на вилата, во недоумение да се прекрсти ли пред чинот за кој се определил или да го стори она што го смислил па потоа да побара прошка за својата душа. Бревтал.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Езерото, до крајност немо. Остарениот човек бревта како риба исфрлена на влажниот песок.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
По планинскиот друм, низ реткиот студенкав дожд, исфрлувајќи во воздухот големи облаци пареа, бревташе еден стар Форд.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
„Не, не!“ Здивтајќи и бревтајќи се врткаше околу вратата од мансардата. „Ќе ти покажам! Побрзај!“ 57
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Се провлече брзо и тивко низ малечката врата и легна долу, бревтајќи.
„Лек против меланхолија“
од Реј Бредбери
(1994)
Се чинеше како бродот да пристигнува сред градината... го слушавме дури како бревта зад куќата...
„МАРГИНА бр. 19-20“
(1995)
Одвнатре пулсираше нешто чудно: клокот на извор, бревтање на огин.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Во истиот миг од зад вратата се чу женско бревтање и шушкање на ќеси.
„Сонце во тегла“
од Илина Јакимовска
(2009)
Така почнува секое летање со умот: си се замислуваш, на младини, како машиновозач на локомотивата која бревта ли, бревта надмоќно низ сибирските тајги и ич нема гајле дека може да се случи баш среде зима да снема јаглен и да се вкочани на отворена пруга како што капката се вкочанува на стреата и станува мразулец пред да капне на тротоарот.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
И стаорците што се стаорци најмногу се собираа и до бесвест скокаа и бревтаа баш под онаа мома која испловува на школка, пред да никне првата розе грмушка.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Ако се разбудев порано тоа утро во Венеција ѓоа на мостот на воздишките ќе ја сретнев калуѓерката од под чиј фустан Џакомо Казанова избега под друг фустан, оти за него бегството на слобода немаше никаква смисла без бревтање во зоната под фустаните.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)