вековен прид.

вековен (прид.)

Малечките балкански државици, што се заинтересирани и ги поддржуваат пропагандите, во прво време ќе ѝ се расрдат на Императорската султанска влада затоа што ќе им ги пресече „вековните“ привилегии, но ќе помине време и тие ќе се примират со отстранувањето на пропагандите, зашто тоа отстранување ќе биде во нивна полза: ќе престанат да ги праќаат во Македонија своите милиони франкови, од кои за нив никогаш немало и не ќе има никаква полза.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Дури се гордеам што сум Македонец, син на еден измачен народ, кој преживеал толку вековни робства и пак не се поддал на непријателот, да го претопи, ами жилаво се држал и се борел за својата национална слобода.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Далечните делови со крик го вратија татнежот и беа во тоа повторување лути и подмолни; нивните камени грла фрлаат вековните соништа.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Преобразбата на видливото во невидливо, препознатливото во непрепознатливо, е чин сличен на жестоката преобразба на семантиката в земи: се преповторуваат вековните процеси на трансформацијата од семенката до плодот, обликот на идниот плод го прима обликот на претходниот, но, не се преповторува времето.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Уште додека беше на прагот направи поклон, првин спрема Мустафа ефенди, потоа и спрема прилепските првенци, а кога се исправи, божем силно израдуван што се измирува со нив, лисецот ги прекрсти потковичаните, како да му се верни и вековни парохијани, и изјави дека знае зошто е повикан, дека му се радува на измирувањето, но и дека има нешто да придодаде во врска со измирувањето.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Подоцна се знаело дека бегале од чумата, од тоа вековно страшило на човештвото.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Во Франција, во напорите за одржување на водите и горите, со декрети на Колбер во 1669 година, ќе се предложат во серија забрани против вековните обичаи за да бидат „зачувани шумите од отровните заби на козите.”
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
И сега кога, во слободата, по победата над фашизмот, требаше да се плати некаква цена, жртва за апсурдот – да се уништат козите, вековната основа за опстојување на луѓето од овие каменити предели и на непредвидливиот балкански релјеф.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Ме боли за балканската трагедија и вековната борба на македонскиот народ.
„Буре барут“ од Дејан Дуковски (1994)
Редици црни скелети чекаат погрдни клевети, пред вратите преполни ги скокотка гладта на ѓаволовите усни вековни.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Поголемиот дел од движењата за национално ослободување го следеа истиот пат: со Фенон како пророк, тие попрво ја избираа етничката отколку „изборната“ теорија за нацијата и попрво се приклонуваа кон културниот идентитет - тој модерен израз за Волксгеист - отколку на „секојдневниот плебисцит“ или идејата за „вековно здружување“.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Нашата партија конечно триумфираше на патот на ослободувањето на нашиот човек од оковите на верата, вековните предрасуди...
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Беше растурен еден вековен поредок во времето, спокој на верување низ илјади години.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Мене тоа ми се случи во почетокот на летото на 1993 година во провансалскиот град Арл во Франција каде што престојувував во еден мал преведувачки Вавилон, во еден мал дворец, заробен од вековната тишина.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Судбината сакаше да ја продолжи борбата против овдешните паразитски микроорганизми, спасувајќи ги луѓето од вековната маларија.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Романот Бунар од Димитар Башевски на планот на формата е беспрекорно конструиран, речиси геометриски, како низа од хомологии, од совпадливи ликови и случувања кои се огледуваат едно во друго, и како збир од дихотомии во кој се спротивставени историјата - митското, циклично време; колективното, несвесно - индивидуалното, цивилизациско; машко (Симон) - женско (Агна); вековен семеен судир (Симон и Владе); субјективното (животопис) и објективното (историски документи); бунар - водовод; современост - минато.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Гемиџискиот кружок во Солун бил рожба на епохата, на едно незаборавно време, кога нашиот народ тргнал во организирана и масовна борба против вековниот угнетувач за извојување на национална и социјална слобода.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Во животот на своите прадедовци тие ќе најдат само примери на вековна послушност, робување и благодарност.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Меѓутоа, имајќи доволно и непобитни докази, Високата Порта решила да организира судење на кое требало да му позавидат и судовите со вековна демократска традиција.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Еве, на пример, овде постојат вековни предрасуди за жената, посебно за муслиманската, но и христијанската не е изземена!
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Повеќе