волумен м.

волумен (м.)

Кога сме кај сметањето, да ви кажам дека во циркусот опсесија ми стана пресметувањето на волуменот на чаши и пехари; ме интересираше колкав е волуменот на еден женски папок, штом толку ѕвезди собира во него, и какво жестоко небесно питие има во папокот на жената при парењето, штом толку жестоко опива тој пијалак, сосема невидлив, занемарлив кога се изразува во единиците за волумен); значи, тие имаа простор, ние дел од него; ние бевме прогонети од големото на малото небо, а нѐ прогонуваа такви како Луција, како Фискултурецот, како подоцна и Земанек; така беше тоа и беше – утешно.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Исправен под небесниот волумен, како сваперен, сенка на некој мртов, на дамна мртвиот Никола Поцо, наслушнував да ги насетам промените во почвата долу и да видам дали се тоа победи и слава, или нешто што е подобро и да не се знае.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Наведнат над листот, се напрегав да ја следам мислата и да го дофатам зборот со сиот волумен, широк и дрочен како големата дрочна месечина што виси ноќва над Маказар, „селото со седумдесет куќи и двесте и осумдесет жители“, како што пишуваше во својот патопис Јохан Барт, сместено одамнина крај стариот пат Виа Игнациа.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Ретко кога работите се откриваат одеднаш со сите резултати и со сите последици, особено за луѓе како мене, кои не можат уште со првиот поглед да ги проценат сите поединости и да го совладаат сиот волумен.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Таа направи мала пауза, чекорејќи првин лево, а потоа десно, со одмерен ритам во звукот што во допирот со паркетот го оставаа високите штикли, (тоа беше вообичаено на нејзините предавања непосредно пред да го изнесе заклучокот) и, кога оцени дека концентрацијата на слушателите го имаше постигнато потребното ниво, им се обрати тивко, со зборови кои се голтаа во сиот нивен волумен, како пластични апови до пукнување исполнети со кислород: „Мили мои осамени срца, добро запомнете, кругот за кој зборувавме функционира во секој сегмент на општеството, отсекогаш и насекаде.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Ќе бидам вечерва обично физичко тело. Со непознат волумен.
„Зборот во тесен чевел“ од Вероника Костадинова (2012)
Секогаш ти недостасуваше некоја од димензиите за да го дознаеш волуменот на мојот немир.
„Зборот во тесен чевел“ од Вероника Костадинова (2012)