грешен прид.
греши несв.

грешен (прид.)

А грешните ќе да останат на земља, темни, гнасни, и грозни, и страшнии, и тешки како олово.
„Избор“ од Јоаким Крчовски (1814)
И гледах тамо написани сите мои - луди и гнаснии лакрдии и песни грешни светскии, сѐ до една реч, што е лоша.
„Избор“ од Јоаким Крчовски (1814)
Да знаете чисто зашто духовник зема души грешнии от руки дјаволски и ги доведуе у царство Божие.
„Избор“ од Јоаким Крчовски (1814)
Погледот ровја му беше, а ударот гигантски задаван назад и напред — смрт за Албанецот грешен.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
И Ахмед, од сонцето спален, што обесил така некојси кадија грешен врз комшиска жена кој ставил изгнасена рака, да ја обесчести решен . . .
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Ако овој долг се осознае, ако обединувањето на нашата интелигенција со бугарско, српско и грчко образование се постигне, ако се парализира работењето на пропагандите и се успее тие сосем да се отстранат од Македонија, ако се установат добри односи кон сите македонски народности и се подобри политичката и материјалната состојба на Македонците, тогаш, при сите дадени жртви, ќе можеме, покрај другото, да бидеме задоволни од едно: востанието ни ги отвори очите за грешниот пат по којшто одевме досега, по којшто ќе одевме и за напред, и без востанието сами ќе подготвевме почва за дележ; тоа ни ги отвори очите за многу наши нужди што и не ги претпоставувавме понапред.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Нејзината слабост е во тоа, да ја бара во тебе утехата на разбудената грешна совест.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
„Има луѓе што умираат праведни, има луѓе што умираат грешни”, им велеше попот: ”на праведните смртта им се јавува весела, а на грешните намуртена, страшна, лоша; луѓето се страшат од неа и затоа пред умирачката си го покриваат лицето со покривка за да не ја гледаат; смртта е како некој мајстор; турли-турли алати има: тесла, пила, секира, глето, клешти, сврдел, копан, затегач, турпија, скоби и многу други алати; најпрвин ќе зафати болниот од прстите да го разглобува со сите тие чешити алати: оди од зглоб до зглоб, и откако ќе го разглоби, почнува жилите да му ги сече, и најпосле ќе почне со секира да го мава по тилот додека не му ја земе душата; кога ќе му ја земе душата - ја носи право кај бога на поклонение, а потоа, еден ангел ќе ја шета душата открај-накрај на небото и открај-накрај на земјата за да ги види сите убавини; ќе ја носи по сите места каде што шетал човекот додека бил жив и ќе му покажува ангелот сѐ што чинел: добро или лошо; на четириесеттите дни ќе го врати човекот кај гробот и ќе му ја покаже мршата негова кај што лежела внатре; по четириесеттите дни, пак ангелот душата ја носи кај бога, и тогаш господ ќе му заповеда на ангелот да ја носи душата во рајот или пеколот; ете, затоа треба на умрените до четириесетте дни да им се пее на гробот и да им се носи задушница; со тие добрини може господ да се смилостиви и да им ги прости гревовите: зашто до четириесетте дни душата не му е пресудена на човека”.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Јас не верувам дека сите луѓе се грешни, вели, ама верувам дека сите исто страдаат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Всушност, едната клепка ѝ беше сѐ уште подотворена и од белката ѝ излегуваше една студена светлинка во која се гледаше сиот грешен свет со кој беше се сретнала.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Што да правиш: од лошо има и полошо. Грешни мисли во грешни луѓе. 234
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Грешен да му земеш една ластагарка, ќе види убаво!
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Ги отфрлам стегите на црквата! Го отфрлам моето грешно минато! -страсно -Верувам во слободната љубов - кон тркалата - Газете го!
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Како пред него да беа сите оние порочни грозоморници од времето на некој негов кој знае кој и каков дедо што со браќата донесол од прекусвет, од некој град на Турција, проказа, порочни грозоморници: сипаничави измамници со преостри ноженца под антериите, грешни старци со мирис на лој во брадите и момчаци со навики по кои лудуваа тие старци, цицачи и голтачи на ашиш, просјаци што ноќе стануваат убијци за дупнат грош, играчи со зарчиња, продавачи на деца и крстени девојки.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Навистина, над неговата камилавка недостасувал свет и блескав триаголник што ќе бдее над грешниот свет со око на духот светопресвет од кој затруднела мајката Исусова.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Бев болен и мал момчак чии прсти тогаш не допреле женско месо и можев да знам дека и со маки ќе се исправам, ќе допрам врв на нож до грлото на килавиот Јаков Иконописец што пошол сам од Кукулино по нас да ја одмаздува својата споулавеност и да го прашам кој ќе го одбрани од казната за која треската ме определила, и можев да ги прашам засипнато другите по што се позрели од мене кога не процениле како и од кого горел Круме Арсов и кој е грешниот светец дојден да го убие волот на Цене Палчев или на Чучук-Андреј или на Осип Сечковски, не знам, на еден од луѓево чија желба е да донесе камења, два и тешки, за воденица со мрак под покривот што ќе е светлост само за призраците, и пак не станав од сламата на Никифоровата кола, еднаш со скршена, сега со втора оска, а небото не се уриваше со бучава како што мислев и не летаа ни врани ни пропаски, ни некои евангелски птичиња со црвени вратови и со грпки, само татнеше под нас земјата во која коските на мртвите се кршеа една од друга и нѐ предупредуваа да клекнеме и да се помолиме за црвите во нивната шупливост, и чувствував со ноздри дека ќе испука дамкавиот камен од кој се спуштија Онисифор Мечкојад и Јаков Иконописец и ќе пушти од себе стеблики со горчливо млеко во себе, меѓутоа слушав шушкаво дишење, свое бездруго, останувајќи бессилен под влажни сенки како под кожа на страшно голема гуштерица, и си реков не си веќе жив, сполај му на господа, сонуваш мртов сон обидувајќи се да мрдаш со прстите во опинците, си раскажував, а во тие опинци уште лежеше студот на водата од потокот што го прегазив кога се враќав од Мечкојадовото засолниште во забелот, во тој ден или вчера, пред сто години можеби, и го барав со внатрешниот вид на очите среќниот миг на детството од дните кога со врескање се прерипува баднички оган, наеднаш без возбуда да се сетам дека бев премал кога мајка ми умре заедно со мојата новородена сестричка и кога татко ми отиде и не се врати, едни да докажуваат дека загинал од димискија, други да се колнат дека се преженил кадрав и убав, животворна сила заради која и света Петка повторно ќе можела да се најде на земја.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Кога ќе ѝ држеше епитимија на Смилјанка, како и на другите грешници, отец Иларион гледаше да биде одмерен во сѐ: не постапуваше ни многу љубезно, ни многу благо, за да не сфати грешниот дека гревот не е толку страшна работа, дека тој е нешто невино, игра што може да се повторува; но не постапуваше ни многу строго за да не му ја разрани и онака разранетата душа која согледувајќи го гревот, започна да пати - мачно да зацелува.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Помолча пак отец Иларион, и кога виде дека сите гледаат во него чекајќи да продолжи, рече: - Душата човекова се разликува од животните и по тоа што таа прави дела; што управува со сопственото тело; што знае дека телото ѝ е привремено боравиште; што е разумна и знае дека е од бога и во бога ќе се врати; што знае дека ако биде грешна - ќе замине мрачна и темна, а ако биде безгрешна - ќе замине чиста и светла; што знае (како што вели свети Андреј Јуродив) дека сразмерно на делата што ги направила, така и ќе свети: некоја како сонце, некоја како месечина, некоја како пламен, некоја како молња, некоја како камен скапоцен, некоја како килибар, некоја како цвет, некоја како волна, некоја како сребро, некоја како чисто злато.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Се тргал, сакал да му се врати на својот свет што го измислувал, сакал да гледа како по усвитени карпи се лизгаат грешни души, со крици на врани паѓаат во густо и вжештено море и ѕурат со усвитени клобуци кон своето блажевито минато.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Покај сѐ и тоа ќе ти помогне да се вратиш од мракот кон светлината, од немирот, кон мирот во душата; од сатаната кон бога, кон спасение; нема човек безгрешен, па дури и еден ден да живеел на земјата, зашто потекнуваме од грешните Адам и Ева, како што вели Јов, но ако се покае, господ му простува.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Повеќе