груб прид.

груб (прид.)

За Грците сѐ словенско беше грубо и бугарско. Со името Бугари нѐ крстија Грците и нас Македонците. Но тоа прекрстување не е единствено.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Но тоа име во очите и устата на Грците имаше уште специјално значење: најомразени за нив варвари, луѓе необразовани, груби, коишто граничат со ѕверовите.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Се исправи над нив наеднаш голем и страшен и неговиот глас грубо го скина летот на нивните раскрилени мисли: - Картите ве молам!
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
- ... Ги префрливме. Сега нека дојдат да ни вршат попис, налутено, со некакво заплашување во грубиот глас, расправа стариот.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Не можев со плуканица да ги средам перчињата и затоа решив да бидам груб ако веќе таа ме смета за грд.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
- Од името на законот, грубо викна некој зад мене. - Од името на законот, ос-тав...
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Жандармот за него не беше груб и поради дебелите стакла на очилата личеше на жандарм.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Риби, риби, рипчиња... Нежно и грубо, тивко и гласно - како да се препорачуваа секакви риби - кркушки, крапови, сардини, гласот шушкаше како вечерен навев - надоаѓаше, се разлеваше, се повлекуваше.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Прашањето не беше смеа, беше груб татнеж.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
А тоа што не беше ни занимливо ни ново, вака изгледаше; долга, тесна улица на периферија, со стари, еднолични куќи во два реда, разделени со груба калдрма.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Секогаш наслутена во водите и мракот ти гриво блага гриво груба нерамнодушно смела секогаш жилаво месо на земјата и ноќта гриво остра сабјо немирна на виделото по сребрената врвица на просторот како зрак и како светкавица
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Па однеси ме па однеси ме велам ти детство однеси ме ти песно старост вечна и незаборавна ти најголема илузијо без метафора прозору неспретно отворен грубо длабок за сите бои на вечноста Однеси ме низ овој дожд ти врвицо за да ме вратиш блага во овој пристан мал во ова нежно седло на сонот
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Бремето го повлече кон грубата калдрма и тој, не ширејќи ги рацете и не барајќи со нив потпир во воздухот, невешто, скоро театрално падна.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Јас бев зелен вир на многу дни од штедрост сега молчам сосем жолто За старецот во мене не плачат и грубо ќе ме натрупаат в кола Но сепак едно сеќавање имам: корењето ми остана на брегот Брег од риби и од камење каде растат многу млади дни Трева бев ќе бидам трева пак затоа така чудно мирисам
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Кадијата ги испрати малите идни јаничари во Истанбул и се отстрами од својот голем покровител Сулејмана, a Мариовците за првпат ја сетија грубата турска сила на својот грб и се затворија во својата непристапна дива област, решени да немаат никакви врски со лошите прилепски Турци.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Кога се пробиваш низ шума од каприци и пакости, кога те дебне дива и груба похота!
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Истиот лик... секогаш истиот - широк, груб, во едниот агол со фотографијата на фабриката во која работи Крстан.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Тогаш бегаше. Ја напушташе. Грубо ја напушташе. Навредливо. Без поздрав... Трескаше со вратата. Простачки...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Јас бев штотуку дојден од фронтот, уште груб, острвен, со сета душа потоната во крвје и сосем одвикната од бледите лица на Софија, со нејзините женски тоалети и парфеми...
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
ЛУКОВ: (Им се доближува. Со едно грубо движење, ја откинува Неда од Ивана и ја бутурисува кон кујната.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Повеќе