дискутира (несв.)
Има една латинска поговорка, - рече таа, - која гласи: „De gustibus non diskutabant“, а значи: „За вкусовите не се дискутира“.
„Јас - момчето молња“
од Јагода Михајловска Георгиева
(1989)
Василис Василикос во поговорот кон грчкото издание на Времето на козите Времето на козите ме воодушеви и ме научи за многу работи за нашиот Балкан, толку многу дискутиран, а толку малку познат.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Од деконструктивна перспектива може да ми се случи да кажам глупост или бесмисленост за оваа или онаа научна парадигма или за оваа или онаа поврзаност на некој филозофски систем. За тоа може да се дискутира.
„МАРГИНА бр. 1“
(1994)
Сите овие нешта ги дискутиравме заедно.
„МАРГИНА бр. 11-12“
(1995)
Според добиените податоци од изворите се верувало дека ќе се дискутира за „забележителна преголема независност на македонската влада од владата во Белград“ како и за „македонската отвореност во формулирањето на барањата за грчка територија што, се верува, на ТИТО му предизвикува непријатности.“
„Британските воени мисии во Македонија (1942-1945)“
од Тодор Чепреганов
(2001)
Светозар Вукмановиќ на заседанието дискутирал во однос на рефератот на Президиумот на АСНОМ.
„Британските воени мисии во Македонија (1942-1945)“
од Тодор Чепреганов
(2001)
Читателите се исто така задоволени: поттикнати од колумните, цитираат, дискутираат, полемизираат...
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)
Токму со него со саати објективно дискутираше за деструктивната моќ на екстремистите од двете страни.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Пиеја зашеќерено варено вино со цимет или со црн пипер што самите го правеа, јадеа домашни пити со праз или со изварка што ги замесила нечија баба, понекогаш некој ќе донесеше и лути домашни свински колбаси, мезеа руска салата од зимниците на нивните мајки и прво дискутираа со саати, за на крајот да завршат со свирка.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Еднаш начу таков муабет во ходникот и толку се вознемири што беше безобразен со професорот по физика, свежо-оженетото прчле со голема брада, кое доаѓаше за време на одморот за да дискутираат за секции, задачи и часови, а патем и да си ги јадат заедно сендвичите со марула или туна.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)
И пак: Во Жешов раскошно расцутеа дрвјата, а ветрецот расејува снег од латици низ просторот, поигрувајќи си со нив, а потоа оставајќи ги да паѓаат по крововите, по жирадоата, елегантните женски шапки на минувачите, по јармулките и црните рабински капи со широка периферија, на рамениците од старците што на пријатната пролетна сончевина забораваат на својата возраст и живо дискутираат на својата пролетна променада, во очите на госпоѓиците, и во нејзината душа која е смирена и иполнета кога е во тој питом предел за кој не може да престане да го мечтае и сонува...
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Јавната сфера се состои од два главни дела: органите за информирање и политичка дебата (весниците, списанијата, памфлетите); и институциите за политичка дискусија (парламентите, политичките клубови, литературните салони, кафеаните, салите за состаноци и другите јавни простори каде луѓето се собираат за да дискутираат за јавните работи и да се организираат против арбитрарната и опресивна државна моќ.
„Простори на моќта“
од Зоран Попоски
(2009)
Терминот ‘border’ обично се користи при дискутирањето за психолошките разлики и при потенцирањето на региони а не линии повлечени на географски карти. ‘Frontier’ генерално се однесува на територијалната експанзија на нациите или цивилизациите во дотогаш „празни“ области. ‘Border- land’ обично се смета дека означува регион во рамките на една држава што е под значително влијание на меѓународна граница.
„Простори на моќта“
од Зоран Попоски
(2009)
Се собиравме само ние кои, постојано или повремено, се чувствувавме приморани од лудилото да дискутираме на философски теми; на тие средби изгледавме како луѓе жедни за разговори, и истовремено како присилени на разговори, како некоја измачувачка сила во нас да не ни даваше мир а ние сакавме да ја исфрлиме од нас со зборовите.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Додека другите ученици нашироко дискутираа за посетата на Ќеле Кула, за тоа колку било морбидно да се гради кула со човечки глави, за свирепото стрелање во Крагуевац, Рада и понатаму беше во својот филм како главен режисер и сценарист на нештата што ѝ се случија, на почетокот од патувањето.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Секогаш кога Татко и Камилски дискутираа за јазиците, тие речиси забораваа на главната тема, се вовлекуваа во нови и нови подрачја.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Нашите пријатели нѐ канат на последната средба за османизмите во гастрономијата, во балканските јадења, ќе дискутираме и вечераме, теоретски и практично ќе го откриваме вкусот на задржаните османизми.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Еден ден седевме во мојот дом со Менаџерот и дискутиравме за моите престоечки настапи. Тој ми спомна дека во некоја мала земја Македонија во католичката црква набавиле оргули што дотогаш ги немале и бискупот преку мојот менаџер ми се обратил мене.
„Животот од една слива“
од Зорица Ѓеорѓиевска
(2014)
Повеќе не дискутиравме за нас, за францускиот јазик, за децата што ги чувавме.
„Животот од една слива“
од Зорица Ѓеорѓиевска
(2014)