дреме (несв.)
А нашите вдовци нека не дремат како ќос на јајца. Нека си и отворат очите, ако сакаат да имаат.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Две патерици се лизгаат од патот... Децата дремат крај свеќите.
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
Прапорците на колите ѕрнкаа рамномерно, децата замислени седеа, мижеа и дремеа.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Тие дремеа и молчеа, тој разговараше со нив во себе.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Осумте чуда на неговите осум ридови дремеа, беа сонливи и без совет.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Под твојот кревет дреме пеколот. Експлозивите ќе ги збришат долните страсти и оргиите.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Мајка им тукушто беше излегла од кујната, а Златко се фрли кон шарената мачка што дремеше спокојно врз перницата.
„Градинче“
од Бистрица Миркуловска
(1962)
Беше поминат уште еден ден без небо, во кој животот колку што може подлабоко се прибира под својата коруба и таму дреме, згуснувајќи го својот сок во соништата за она време, кога еднаш ќе може да развие.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Дедото дремеше, а бебето мавташе со рачињата за да му ги ишка мувите пред носот.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Патуваме, патуваме... Отпрвин сѐ е интересно и убаво, а потоа очите заболуваат од силно гледање, па некој што нема многу грижи ги склопува очите и дреме. На пример Сашо.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Дремеше врз ’рѓосаните шини со скршено железно срце во осовините.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Толе ја навали главата на нејзиниот скут и само преде како маче кога му ја мазнат опашката и го прашаат „писо мацо — дреме ли попот".
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Двете добичиња, волот и кравата, се пикнале со главите под сенките, дремат и немаат волја за ништо: ниту јадат, ниту помрднуваат: гледаат сѐ во една иста точка пред себе до полудување.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
„Полине почнаа со реквизиција: собираат жито, добиток, сирење, маст...“ „Ми дреме...” „Да ти падне, да даде господ!“
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Еден ден додека се печеше на сонцето потпрен со грбот на колипката и дремеше, чу плискање на весла и доаѓање на чун; потоа виде како низ трските се пробива кон него некаква жена облечена во црно.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Јас дремев крај нозете на Ели до утрото. Вера не склопи око.
„Друга мајка“
од Драгица Најческа
(1979)
Пругата е откорната, праговите превртени. За шините дремат врзани коњи и магариња.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Дремам и во дремката ја здогледувам Велика, жената моја.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Си мислам така, и дремам. Каде, жено, сега?!
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Збогувајќи се со мажите Јанчески главите на сојовите од женската одаја си ги собираат домаќинките и заедно со нив преку тремот (од горниот крај на пондилата, врзани за јаслите дремат над нив неколку добичина, разделен е со куќното огниште над кое, прикрепени за гредите, висат камушки, а на нив, во секое време на денот и ноќта и откога се паметува котел со топла вода) и низ Мала врата излегуваат направо на срецело, ги дочекува зрачна вечерна зора.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)