завиткан (прид.)
(Ја клава во устата, ја запалува со својата и му ја подава на Теодос.) Еве, ти куме, завиткана и запалена!
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
НАЦА: (Помлада и покрупна од својата чорбаџика, облечена во нејзин износен фустан, кој на неа, оптегнат, пука, со ракавите засукани над лактите, со завиткани плетенки преку тулбенот на главата.
„Чорбаџи Теодос“
од Васил Иљоски
(1937)
Одајата е наместена мошне арно, старовремски: десно насреде огниште, горе јашмак под кој оџакот е завиткан со завеса од шарена басма; од страните на огништето камари, исто така покриени со завеси од истата басма; назад два прозорци со завеси од истата басма, собрани до горе на плисе и прикачени на една шајка на средината, така што имаат изглед на плисиран полукруг.
„Антица“
од Ристо Крле
(1940)
Епилогот на оваа „дискусија“ (во која што не дојде до збор партизанот) беше сосем очекуен: партизанот ја извади од внатрешниот џеп на палтото својата збирка, внимателно завиткана во еден италиански весник, и - им ја даде.
„Од борбата“
од Блаже Конески
(1950)
Главата му беше завиткана во бело.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Заѕидано дрво во ѕидот сугурци — завиткана коса — локни на српски тагар — сад за брашно како ситото и решетото што е само неиздупчен таим — следување, оброк на војниците такам — 1) руба, 2) спрема за куќата, за добитокот итн. такцир — несреќа татки — понатака тезгере — направа за фрлање ѓубрето од дома тек лав — пререкување теклив — забелешка. Не ти фаќам теклив — не ти правам забелешка текна — се сетив тешка (жена) — бремена тизап — киселина за вапцување тисов — столче од тисово дрво.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
— Убаво, убаво. Види шо поскури ти меси воа кучило! — продолжуваше Доста, покажувајќи ѝ ја поскурата, завиткана во новото цркварско цедилце, на Билјаровата снаа и други, кои што врвеа пред порта со букарите на глава.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Ги извади парите од крпата каде што ги имаше завиткано и му ги даде на Лумана, а тој бркна во шамијата, извади неколку лири и му ги подаде на деда Бошка: - На, за маката.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
На тој смрзнат Бадник, таинствено завиткан во жолта гуња и ретки крпи магла, сликата што минуваше пред човекот мртво се огледуваше во неговите очи; тој беше слеп за сѐ околу себе и газеше како смрт, не можеше да се сети како стана сето тоа?
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
И палјачото, тој бол завиткан во шарени крпи.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Отец Симеон беше морепловец - бос и гол до појас, во тесни платнени панталони завиткани до коленици.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Во овој град, понекогаш како доенче завиткан во пелени од прашина, мачките лаеја како пци и власта осудуваше малолетни деца на доживотна робија.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Пет крвави искри на пет зглоба и пет пцости на сувите, набабрени усни, со пет именки во црно завиткани - бог, и природа, и мајка, и смолара, и сопственото семе.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Арсо си ја потпре главата до ѕидот и тврдо гледаше во таванот, исчаден и завиткан во нечиста пајажина.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Зар беше важно тоа, каков и чиј е тој бог, кому носи корист, кому пропаст, дали тој има чалма или златен ореол околу главата, дали е облечен во турска салтамарка или е завиткан во црвено платно.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Во хартијката се завиткани две шарени бонбончиња.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Тој беше со тркалесто лице и црни завиткани мустаќи.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Десетина печени кочани завиткани во лушпи им остави во бовча со нешто ореви и јаболчиња и ги испрати.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Лете Ристос си игра со дечињата во дворот Полни ведро од бунарот Ги полева како цвеќенца другарчињата Навечер собира светулки со нив И се тркала низ покосената ливада А кога ќе заспие во тревата Кога ќе порасне во сонот Кога ќе заприлега на момче Од ридовите на летната ноќ Ќе се покаже Дева Марија За да си го прибере Исуса И го засолни Во ѕвездената постела на светото писмо Ние така заспани во трева И не ја видовме белата шамија во која беа завиткани клинци И не чувме како одѕива во ноќта Некој дури ни го ковеше крстот.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Откако ќе се изнаплаче, се оддалечува, од луѓето, се крие некаде зад карпите, чепка меѓу камењата, собира некои тревки и корења, ги суши на сонце, а потоа, завиткани во парче весникарска хартија ги пуши.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)