заклопи (св.)
Се обиде на грб, на мев, — ничкум, ама сѐ некако очите не му се заклопуваа.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Дур возот без починка рони во времето на ритамот монотон вечерва ти си задремала. Не спи, не заспивај, уморена. Колку е тежок тој мир на твоите образи живи кога патуваат шумно сите предмети мртви. Со бакнежот на погледот мој што чука на твоите клепки заклопени ти ги отворам очите сонливи.
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
Таа од високо надѕирнува низ прозорците, ќе погали некое детенце, ќе му ги заклопи очите на некое што уште не заспало и ќе одмине потаму.
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
Убавиот Месечков зрак заигра по лицето на Славчо, а потоа меко му ги заклопи клепките и излета надвор во тивката летна ноќ...
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
Арсо полека го заклопува капакот.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Кога ноќта сосема го заклопуваше затворот и ја угаснуваше вревата, во каушите, ходниците и во дворот темнината стануваше глува и мртва.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Просенија последен пат некаде угоре, тоа дека беа над него го сети само по болката во преоптегнатиот врат, прошарија низ белината, која што немаше никакви други димензии освен таа вртоглава длабочина на матежот, која стануваше уште побездона од тоа, што имаше нешто во што можеше да биде впиен заталканиот поглед таму, под паднатото небо, кое не се разликуваше по ништо од наврнатата земја, се мернаа уште некој пат, а потоа врнежот се заклопи за нив и бесповратно ги скри.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Ама даде господ, еда, ја заклопи муцката.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Тие абдали, не знам кои беа, што беа зафатени со таа работа да го заклопат сандакот, најбезобзирно го стегнаа капакот, прстите ќе им ги скинеа мурдарите.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Го заклопија сандакот, ги извадоа своите грубо непристојни чекани и го заковаа. Без мене.
„Балканска книга на умрените“
од Мето Јовановски
(1992)
Ги донесоа досиејата на секој што можеше да биде тоа, ги читаа и препрочитуваа, ги отклопуваа и заклопуваа, ги исчитуваа и обработуваа, но уривачот не го најдоа.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Свикнат да се препушта на своите претчувства, тој цела ноќ око не заклопи: божем некој јорганџија без престан дрндаше памук покрај неговото лево уво, додека десното свесно се расправаше со реалните гласови на Блатието, со криците на чапјите и со шлапкањето на водата.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Кога ме виде како ја прибирам во кутија, мајка праша: „Што е тоа?“ „Ластовица,“ реков, заклопувајќи ја кутијата.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)