ибрик м.

ибрик (м.)

Овој се намурти кога Анѓа го фрли ибрикот и стана простум, тресејќи ја својата побелена брада со јад и силно се провикна – Тука да се донесе таа кучка врзана – и строго ѝ се овргли на Ајша, оваа излезе низ вратата.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Во десната рака носеше сребрен ибрик со шербет, а во левата кошница со гурабии, симиди и ѓевреци.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Наместо одговор, Анѓа ги тресна од земја ибрикот и кошницата и како стрела се изгуби од вратата.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
5. ИБРИК СИ Е, АЛИ БАРДАК - но дека си има сред вазните рода како реликвија музеите го вардат непуштајќи го да оди по вода...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Овде и водата се продава. Се пие од ибрикот, од една чашка која и не се заплакнува...
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
До рибарите, што пржат и печат риба, се наоѓаат и тие што продаваат вода во ибрици.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
продавачите на железарија ја растуриле сермијата крај патот (маши, пирустии, кации, потковки, секири, српови, коси, сорови, синџири, тепсии, ибрици, ѓумчиња, аванчиња, легени, кантари, саанови, котли, ѓезвиња, кандила, фенери) и тропаат со ѕвонци за да го привлечат вниманието на луѓето;
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
грнчарите дуваат во дулињата, стомните, ибриците, бардаците и другата грнчарија, ги полнат со вода и покажуваат дека не течат;
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Мајка, со ибрикот полн со чај, влезе во собата.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
На сите платна беше исликан ентериерот на Сарајот, долапите и мусандрите, вратите и таваните, џамовите со тешки пердиња, ковчезите и каселите, ибриците и мангалите, килимите со необични шари-арабески.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Ала бин бериќатверсн што ми го даваш од срце. И ова биљурно коритце за ибриков е тамам.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Масичето, можеби пониско од нормалното и подизлупено, изгледаше тукуречи кокетно со малата ткаена крпа под ибричето со цвеќе, со Библијата, мојата машина за пишување и кошничката со испишани изводи од десната страна и рамчето со слика од Стефана, на левата.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Држеше дрвен кобел за боза со светнати жолти обрачи, ама и ибрик за вода, а околу половината и запашан тенекиен појас со чаши. Бозаа! Слатка, кајмаклија бозааа!
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Со извлечен врат, како ибриците што ги правеше.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Пред куќите и по кривулестите улички беа изложени шарени керамички садови: стомни, чаши, чинии, бокали, филџани, ибрици, вази и ќупови за масло, за вино, за жито.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
И во XVII век е уште поголемо присуството на турцизмите во балканските јазици, се среќаваат и следниве: ама, арамии, бакар, бериќет, бучук, денк, ѓум, зарар, ибрик, казан, кат, кубе, кутија, машала, менгеме, муштерија, памук, пари, ракија, руба, сакаш, сандаци, саан, синија, тава, тенџере, тепсија, теслими, фрча, хич, чифлик, дајак и други, а има и голем број зборови што означуваат разни видови занаети и занимања: бојаџии, казанџии, самарџии, сапунџии, кираџии, кујунџии, меанџии, симитџии, терзии, ќурчии, чакшири, чешмеџии и други.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Камилски беше зачуден трагајќи по речниците колку многу турцизми се употребувале, но и натаму се употребуваат во балканските јазици за означување разни садови, како: бардак, барде, вид лонче кое служи за пиење вода (од турски bardak); ибрик, поголем бакарен сад за вода со посебно извиен тесен отвор, се употребувал уште како сад за масло и како сад во кој се топли вода, како и за варење кафе и чај.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)