исцелител (м.)
Ноќта ѕвездена, денот темен, Темното денот го слави, Со пожари и поплави; Со таги, врз плаштот земен На кој се накотиле и сплотиле Болки и рани, неразбрани Поети, мислители, исцелители Врз, тајните на животот задумани, Склупчени среде денот темен, Заборавени, во тага оставени Под небото ѕвездено-извезено Од знајби, мисли и умности За да редат убости молитвени Со кротка благост изустени.
„Сонети“
од Михаил Ренџов
(1987)
Со надеж на исцелител го подал рацете и исправен, и во тврдоста нечујно подвижен, зачекорил несовитлив во половината и во глуждовите.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Не бил сигурен, подоцна само претпоставувал дека непогрешно го сонил она што ќе се случи во новиот ден: најпрвин, по сончевиот изгрев, го нашле, пред тоа, во ноќта, заборавен на носилка исцерителот Пандил Димулев, тој пријател на билје и треви; најверојатно дека безгласно починал од вчерашната рана помеѓу срцето и левата страна на стомакот, а потоа другиот тревар, откако го исплакал својот пријател со солзи што можел да ги пролее и над својата судбина, веќе видливо исушен и потемнет, легнал на неговата носилка и ѝ се предал на болештината, веднаш сите да видат дека се сушат и потемнуваат во лицата, и Самуил Пендуш, и Сандре Самарија, па некој (во неговиот сон, потоа во стварноста) барал да појде гласник по селата крај кои ќе минуваат, умните да оставаат на патот лук и ракија, за нив, и сено за воловите, инаку сами ќе атакуваат и ќе грабаат со темна можност да им ја донесат на домаќините, како гостинка, чумата што уште пред да го закопаат едниот тревар го однела другиот: два гроба еден крај друг, плитки и покриени со тврди грутки, крст до крст со шубари на вертикалниот крак.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Светецот на Манастирот беше спасител, исцелител од болки и зло на сите добри луѓе, без оглед на верската припадност.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
Водата секогаш била и ќе остане голем исцелител.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Храмот на Бессребрените Исцелители за сребро го трампаа.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Па редно беше пак, и пак, да му се заблагодарува на својот исцелител - зар тоа не беше во ред?
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Лордот Хенри Вотон и сликарот на портретот, Холвард Бејзил, се ставаат во улога на исцелители преку реченици што се референца на нивната животна филозофија: „Ниту една жена не е гениј... жените се украсен пол...
„Календар за годините што поминале“
од Трајче Кацаров
(2012)
Со чудна простодушност, рече: – Сите исцелители и тревари во Базел тврдат дека сум измамник. Можеби се во право.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
„Ама чаре има“, ѝ велиш победоносно, дека е среќна што те пронашла токму тебе во морето измамници што, ете, само се декларираат како сопственици на способности од видот на гледачи и предвидувачи, и исцелители на кои им е дадено со поглед и допир, како да се нечија продолжена рака, да ги редат работите по желба.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
„А, не! Шест месеци продавам на плажа во Пореч, а другите шест сум ’Доктор Славе’ - познат травар и исцелител“, се насмеа и, додека мислев дека се шегува, се врати облечен во бел мантил, со слушалки околу вратот и апарат за притисок.
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)