казанџија м.

казанџија (м.)

Тоа е веројатно чиракот од казанџиската работилница, еден жив момок кој понекогаш го сретнуваше и секогаш му се насмевнуваше пријателски.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Го качија на коњ и го однесоа в град кај казанџиите; тие со триста маки, со разни ножици и глета, му го извадија котлето и му ја ослободија главата.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
- Беговите го заборавиле Мустафа -ефендија. Шуќур, се нашол некој наш казанџија и го прибрал дрипавиот ќафир во својата работилница меѓу ламарини и чекани, заедно да локаат студено вино и да пеат.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
За она што не ќе можеме да платиме, ќе работиме. Качари сме, колари, казанџии.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Кога гратчето Негуш дало клетва дека ќе се крене на востание со повеќе села и со други гратчиња против челмоглавата Султанија со побелена брада од слични и поголеми востанија во Србија и во Грција, меѓу прочуените негушки јунаци по потекло Македонски Словени и Грци водени од Кара-Тошо, Ангел Гоцев, Зафирикис и уште неколцина долгомустаќести војводи, се нашол помеѓу побунетите луѓе и дотогаш мирниот казанџија Панделиј Каламарис.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Најдолго стоевме пред казанџинската работилница „Тишина“, на аголот од каде што се расчаталуваа улицата на јорганџиите и улицата на тенеќеџиите.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Повторно ѝ се радуваа мајсторите: казанџиите, налбатите, столарите, касапите, тенекеџиите, со умилност ја гледаа чираците, а ние децата одевме по неа и не слушавме крици од птици пред заминување, туку слушавме умилна песна што извиваше од нејзината уста, а од песната пркнуваа светулки и надлетуваа над бавчите, на Кафтан маало и исчезнуваа над лозјата на Кумлако и Мерите.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Од кожарско-ќурчиската чаршија, од Капан-ан до Туз пазар, туфекчиската чаршија од Мустафа-пашината џамија, дуќаните и работилниците со ножови, сабји и друго оружје, до платнарите, абаџиите, бојаџиите, казанџиите, сарачите, јорганџиите, калајџиите, терзиите и кафтанџиите, сѐ беше на нога и траскаше, чукаше, коваше, тропаше, викаше, довикуваше, и повикуваше, а дуќанџиите шеткаа пред своите мали царства, не сакајќи да мислат на големото што ги беше поклопило и кое им ја пиеше и потта, и душата.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Секој занает си имаше своја слава во градот - ќурчиите го славеа Свети Илија, казанџиите Свети Спиридон, бавчованџиите и лозарите Свети Атанас, терзиите Петровден, и сите ги канеа на своите денови, и турските големци, и другите видни граѓани, ама Свети Пантелејмон на папуџииите за Тодора беше некако најубав празник и чест што мислеше дека целосно и самата ја заслужува.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Тој сакаше да му предложи на Татко потрагата по заемките на занаетите и занаетчиите да ги побараат, такви какви што останале, во старата скопска чаршија до денешни дни: бакалите, берберите, бичкиите (ножарите), бозаџиите, бостанџиите, гајдаџиите, дограмаџиите, јорганџиите, казанџиите, калајџиите, касапите, кондураџиите, папуџиите, кујунџиите, терзиите, џамџиите и други.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
И во XVII век е уште поголемо присуството на турцизмите во балканските јазици, се среќаваат и следниве: ама, арамии, бакар, бериќет, бучук, денк, ѓум, зарар, ибрик, казан, кат, кубе, кутија, машала, менгеме, муштерија, памук, пари, ракија, руба, сакаш, сандаци, саан, синија, тава, тенџере, тепсија, теслими, фрча, хич, чифлик, дајак и други, а има и голем број зборови што означуваат разни видови занаети и занимања: бојаџии, казанџии, самарџии, сапунџии, кираџии, кујунџии, меанџии, симитџии, терзии, ќурчии, чакшири, чешмеџии и други.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)