клобурец (м.)
Ако е така, тогаш мојата сонувана одмазда да станам фантома и да праќам писма ќе прсне како клубурче од сапуница.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Нови јата риби надоаѓаа и пласкаа во плитката вода крај брегот, прпелкаа како фатени во мрежа: се пикааа во трските, во шеварот, во водните растенија и испуштаа чудни шумови и клобурци над водата; шумеше водата како подземни извори да се креваат; пиштеа галебите и сите езерски птици кружејќи и налетувајќи на рибите; трчаа луѓето, довлечкуваа кошници, сепетки, кошови, вреќи, и ги полнеа со риби; довлечкуваа и магариња, коњи, ги товареа со риби, се грабаа меѓу себе, се караа, се пикаа во езерото, заграбуваа поголеми и попресни риби; ги соблекуваа кошулите, панталоните и со нив фаќаа за да не им се лизгаат рибите од раце; се крвавеа во прстите од нивните перки, од нивните крлушки, удираа по нив со ости, со вили, со виљушки врзани на стап за да ги скротат и да не им бегаат од раце; се мешаше водата со крвта од рибите и од рацете на луѓето.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
И едно фати, друго фати, ми ги зема од раце и ми ги свртува во клобурците, ги понесува. Јас лелекам, се траштам.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Брбориме со устите во водата. Првкаме ко коњи и правиме клобурци зад ушите. Излегуваме, влегуваме.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Си ги бројам секундите и се дујам ко меур, ко клобурец. Чекам да пукнам.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
А луѓево само се вртат ко клапче, ко клобурец.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Заглавен меѓу непцата и здебелениот јазик ќе раснеше во клобурец и ќе задушуваше.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Со едното око Чана гледа дека таму напред локомотивата испушта прво бело облаче, потоа ждригнува клобурци клобурци црни саѓи што целата ја покриваат, клобурците се претвораат во писок, во дрангож и во воздишки низ сите вагони.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Јадри капки паѓаа шумно и во лочките креваа клобурци. Од оголените гранки се слеваа водени нишки.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“
од Бистрица Миркуловска
(2001)
Стомакот му беше залепен за слабините, цревата му кркореа во празни клобурци, а јазикот му беше пенчетиран со ѓон.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Дојде момент за мојата омилена тема - мачката, и штом се реализира сѐ така по ред и малото тробојно топче ми заспа во рацете, кивнувајќи неколку пати и притоа испуштајќи по некое кломбурче млекце низ носето од првиот оброк со локање, јас се вдадов нашироко да распредувам.
„Братот“
од Димитар Башевски
(2007)
Милан паузира. Дождот истураше како од кобел. Онаму каде што дождот имаше формирано мали бари, клобурците од постојаното прскање правеа шари.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)