копнее (несв.)
Тажно е да копнееш за една средба само кога ти е животот бескрајно патување, галеби да носиш на своето рамо а да не го чуеш нивното милување.
„Слеј се со тишината“
од Ацо Шопов
(1955)
Копнееш ли по тој мирис? се праша.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Јас сум заморена од твојот замор и копнеам по приказна.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Таа беше темнолилава и слична на сите сенки а тој копнееше по влажно зеленило каква што е мевестата облека на шумските стебла - зеленило смекнато од сочното млеко на земјата. И влажни камења на крај поток.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
И да ѝ говорам - Марија, (или Елена, или...) Марија, копнеам за мала кафеанска маса со бел шаршаф и чиста пепелница.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Колку многу копнеел тој само за едно „добро утро“ од својот сосед Владо директорот.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Стројничката знаеше колку многу копнее Карче да се сроди со една видна охридска фамилија, како што беа Попставревци.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Секоја пора, секој здив - сѐ во неа сакаше, лудо копнееше да сподели за успехот, за радоста, за оваа незаборавна вечер.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Знајно е тоа - Едип во службата не попушта, но Глигор е човек, а Едип копнее за мил човечки збор.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
И полека копнееше во млако растопување.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Тоа не е обично спиење, туку некакво малаксано растопување, копнеење и бегање од самиот себе.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Орото се растури уште веднаш штом стана Башмајсторот и сега заминуваа, цела поворка, цела тајфа, додека жените довикуваа по нив „Создравиеееее - “, а буките крај патот имаа зелени, распукнати, набабрени пупки и селото во таа утрина се чинеше толку убаво, ги видоа наеднаш сите убави работи во него и некако копнееја од тоа, сите со по една стегната вилица и со нешто меко, болно и ранливо во погледот, заскитен напред.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
А Гоце? Тој копнееше и жалеше за учењето.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Дента по блиските шини татнеа возови, шинобуси, пиштеа пробивно железничарски свирчиња, се сменуваа викови, песни, смеа, а стариот вагон на заборавениот колосек го гледаше сето тоа, слушаше и копнееше од мака.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Веќе копнееше за човечки збор, за нежна мајчинска грижа, за топлиот светол дом, за училиштето кое сигурно веќе почнало да работи, за другарите кои го чувствуваат неговото отсуство и ги пече неговата неизвесна судбина, но колку повеќе им се предаваше на мислите, колку повеќе се пушташе тие да го водат, толку повеќе го разјадуваше немирот, па стана, иако уморен, се фати за секирата и го почна својот двобој со Јурукот.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Тогаш сосема се одврати од верското образование и почна да копнее по световно.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Не се разидуваа политички, никој никому не му пречеше да си ја сака родната грутка, само понекогаш подивеани поради ситна кражба или така, без причина, колку да се задуши топлокрвното копнеење, се караа, диво а ни тепањето не им беше туѓо.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Особено, ако само тоа ти е оставено на располагање. „Копнеам за твоите бакнежи во една вечер.“
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Додека ги стискал забите како да сакал да ја задржи во себе силата на животот ( не земај ми ја душава, можеби можел да шепоти своја молитва, додека не ти принесам курбан), негде, не можејќи да определи каде, умирал ранет војник и пеел на турски за мајка и за дом по кој се копнее.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Ќе одберат некое помазно парче момирок и ќе напишат: ,Бидете здрави и поздравени". ,Чувајте се за нас, ние копнееме за вас". ,Ве мислиме како свои жени". ,Ако ве среќаваме на сон, зошто да не ве сретнеме и на јаве".
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)