мезети несв.

мезети (несв.)

Додека шишенцето кружеше меѓу наседнатите, додека постарите мезетеа од сирењето и зелјето, Кирил го парчосуваше јагнето.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
уште еден домат или за двосмислената свежина на дистанцата во пишување …додека ја дочитував трудољубивата писмена задача на вашиот критичар против новата проза објавена во последниот број на вашето ценето списание се сетив на една од ретките средби со дебелиот кој по сто и осумнаесет дена и ноќи во истамбулскиот затвор и четириесетина килограми помалку си мезетеше сѐ уште со истиот прекар и со истиот апетит двојна салата од домати…
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Сепак ќе пиеме добро бело вино, мезетиме грчка салата со потпечени лепчиња и чекаме да ја добиеме работата ципура на жар.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Пријатели? Роднини? Соборци? Ах, секако по еден двајца од нив, седат крај двенатри скрпени масички од секакви штичиња и го мезетат минатото, ги џвакаат сеќавањата налевани со слаба комовица, се гледаат еден со друг и не си веруваат дека се живи и одвреме навреме се поттупнуваат колку да проверат дека навистина се живи дека се токму тие што се околу масичето и така изминуваат денови и ноќи и тие двајцата се симнуваат подолу со тренто стиснати еден до друг без да знаат дека се еден до друг и подолу на попатна станица зад која може да се најде Дубруву тропаат од врата до врата бараат Игејци такви и такви од тоа и од тоа село
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Пиеја зашеќерено варено вино со цимет или со црн пипер што самите го правеа, јадеа домашни пити со праз или со изварка што ги замесила нечија баба, понекогаш некој ќе донесеше и лути домашни свински колбаси, мезеа руска салата од зимниците на нивните мајки и прво дискутираа со саати, за на крајот да завршат со свирка.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Чинговци беа месари, мезетеа месо и со ракија, чисто месо само печено никако варено; немаа ништо против и сирењето, особено јакото, како ни против суканото ако е мазник; додека спанаќ и други треви не сакаа ни да видат; а со очи ја јадеа рибата, од пржената пастрмка до белвицата на сач.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
„Не вревете, Атињани“4 јавните места, амфитеатрите и пантеоните ги имате за провод и лесен живот за парење и галење слугите не се за отфрлање ни робовите, млади и помлади не сте вие, граѓани од неслобода засегнати од немаштија и немоќ, напротив вие гласате, беседите, мезетите вие освојувате и патувате наследувате и ќарите мажи многубожни и безбожни дури време е, скрасете се доста пребиравте меѓу реториката и политиката меѓу мантиката и математиката во вештини, о самољуби, доста се огледувавте се наттрчувавте и надмудрувавте заговаравте и преговаравте недоветни доста се правевте: сиромашните се собираат по плоштадите агорите и аулите првин тивки и потем бучни првин слаби потем силни првин малку потем многу!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)