мирољубив прид.

мирољубив (прид.)

Првкањето пак се повтори. Тоа беше една мала мирољубива пеперутка.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Другите мачки од дворот непријателски го дочекаа граѓанинот, но кога видоа колку е мирољубив, се спријателија со него.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
Будењето имаше два дела: првиот дел беше нормалниот, кога ѕвонарот имаше сосема мирољубив однос.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Умерените предлагаат мирољубив договор со козарите. Други се за остри санкции.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Покрај фактот што ефектите се сѐ друго освен мирољубиви, дрогата се проширила експлозивно.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Историјата на белиот, лажлив, менопаузен маж што сега ја води планетава, е историја на повторувано насилство врз хармоничните закони на природата, кои имаат за цел воспоставување на тиранија на материјалистите возрасни над нежните, мирољубивите, младите, обоените.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Геноцидот е нивна навика. -Тие воспоставуваа вештачка немаштија, лишувајќи ги мирољубивите луѓе од природните наследства на земјените изобилства и Божјите дарови.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Освен тоа, вие сте деца на 60-тите и на 90-тите. Во вас е всадено да сакате мирољубив, толерантен, забавен свет.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Набрзо по враќањето во Берлин, умира на 6 јули 1959. George Grosz, 1917 (фрагмент од писмо) Јас со поглед потполно продирам и таа работа за мене се единствените емоции (треперлива возбуда, бучниот уличен фронт на хартија!, или, ах!, вртење на ѕвезденото небо над црвената глава, електрично место на сликата, ѕвонат телефони, породилни врисоци, додека челичните ножеви мирољубиво дремат во запурноста на џебовите на подведувачите - а исто така и лавиринти од огледала, нивната улична волшебна градина! каде што Кирка ги претвора луѓето во крмаци, комичен тиролски шешир со перце, или rumms-tumm-tidle-walk во Патепон, каде што слушателот се фаќа за уво и музика од грамофон, палми од лаѓите со коишто продолжуваш, или песни на штитовите, или златниот штит, коло од букви - а вински црвеното, ноќите што локаат вино, во кои месечината е блиску до инфекцијата и до запцуениот кочијаш и каде што во прашливиот подрум се случува убиство со давење), ох, емоциите на големите градови! George Grosz, 1924 За да достигнам до стилот којшто... ја одразува нескриената суровост и немилосрдност на моите објекти, ги проучував драстичните манифестации на уметничкиот нагон.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Уочувајќи го фактот дека поголемиот дел од населението за кратко време се отрезни од „ослободителна мисија“ на бугарските војски и станува сѐ понезадоволно определувајќи се на страната на НОД, бугарскиот окупатор превзеде разновидни мерки, прво „мирољубиви“, а подоцна брутални со цел да го оневозможи и во корен да го ликвидира НОД во Македонија.
„Британските воени мисии во Македонија (1942-1945)“ од Тодор Чепреганов (2001)
Во рацете на Нуне, на пергаментен свиток, двојазично беше запишано: „На блескавиот ум, поетска проникливост, научна аналитичност и храброст во верувањето и докажувањето на „Пакс-верс теоријата“ за мирољубивото решавање на маалските ненавидности и кавги, меѓународните омрази, меѓудржавните судири и војни, му се доделуваат ордените на Волкашин Нунески, поетото и изумителот од с.Варош, околија прилепска, во земјата македонска.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Доколку не постои основ за соживот, ти преостанува само да викнеш специјална екипа (слична на Гоуст Бастерс) која има за задача на мирољубив и достоинствен начин да ја спакува целата фамилија, да ги замоли да влезат во еден голем кафез и да ги однесе на стотина километри на север.
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
Евреите на нашиот остров се грчки државјани. Тие се добри, мирољубиви, работливи луѓе и јас лично, како чистокрвни Закинтјани ги сметам за дел од моето стадо.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Тоа требаше дополнително да се разгледа: Единствената мирољубива опција - пријавувањето на проблемите на соодветен општествен орган - отпаѓаше во старт, затоа што требаше да се пријавува кај самата мета...
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Имаше луѓе кои го молеа доктор Гете да ги пушти, барем на неколку минути, да излезат од Гнездо, ги склопуваа рацете и паѓаа на колена пред него, но тој не попушташе, сеедно што некои од оние кои го молеа беа мирољубиви, и никакво зло не би направиле надвор од болницата, ниту пак би побегнале.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Во месечното списание Современост во ноемврискиот број на 1957 година Климент Камилски ја објави студијата Ромен Ролан за Октомвриската револуција, во која ги распосла своите слободарски и мирољубиви идеи, кои некогаш за малку глава ќе го чинеа.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)