нежив (прид.)
Во електронската меморија неколку преувеличени мозочни функции се проектираат од човечкиот череп врз неживи објекти со чија помош тие функции можат да бидат набљудувани и манипулирани.
„МАРГИНА бр. 35“
(1997)
Устата му се чепотеше до ушите, откривајќи ги нималку детските челусти; и беше чудно што лешот има толку подвижна, жизнерадосна уста; клемпавите уши му се зацрвенија од приливот на претходно исцицаната крв; лиценцето го беше подигнал угоре, кон Бога; неживите очиња ги затвори и пееше внимателно, со труд, дури мртвите жили на вратот му отекоа.
„МАРГИНА бр. 37“
(1997)
Старецот ги слушна зборовите некаде на површината на својата нежива свест; и одеднаш нешто во него се сепна, напрсна.
„МАРГИНА бр. 37“
(1997)
Божем нежив човек, туку сениште излезено од пресен гроб.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
И втора година ме мори
нежива заспивам пред зори
без адамово ребро липам ко плам
биди мит за привиди ненасит
и минатото да биде мило
да биде што не било
***
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Кога ни се преплетуваа телата, неговото тело се однесуваше кон моето како кон подвижен предмет; кога ме гледаше, како да гледаше во нешто неживо.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Душа. Вирее какол под нокти и земја црна, воздишка само прима, таа мртва, природа сува. Нежива.
„Портокалова“
од Оливера Доцевска
(2013)
Староста тежи... жив си - ама нежив - си се вкочанил на едно место.
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
Така ден по ден. Ноќ по ноќ. Него го чекала. Деноноќија неброени... На прагот седела - жива - а нежива.
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
Зарем не знаеле кога ослепувале души мачни - живи - неживи? - шепоти баба Петра, наплеќи легната, божем заспана.
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)