пиреј м.

пиреј (м.)

„Што станало со мачката на директорот?“ ги праша не очекувајќи чудо - чудата лазеа околу него со жилавост на пиреј и троскот.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Но откако зафати војната, на луѓето умот сѐ повеќе им се сврти кон гробиштата; започнаа да ги оградуваат, да ги чистат гробовите од трње, пиреј, капини, глог, змиорики, повит; зафатија да се натпреваруваат луѓето кој подобро и полично ќе го уреди гробот на својот предок, на своите блиски и роднини; започнаа надгробни споменици од најличен камен и мермер да се прават.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Само на човек роден во пролет, вели Велика, дрвцата му се фаќаат како пиреј. Ниедно не го проскокнува.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Пирејот е троскотна трева, вели, а некои ја викаат и Коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, вели, таа пак не умира.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Племето наше е пиреј, вели Лазор Ночески, и не го ништи ниедна војска и ниедна болест.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Проклет да бидам, на сите сектори лагата цутеше како пиреј. Се колнам, стоотстотна лага.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
А ние, гледаш, мајката, траеме и сме... Како пирејот, нели?...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Ретката трева, задушена од троскот и пиреј, шушка.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Еднаш, кога се врати птицата во залезот, не го најде осамениот човек па долго надлетуваше над неговиот двор, прошета низ пирејот, и не можеше да го препознае човекот, цел живот што ја препишуваше земјата врз себе, ноќе што го препишуваше морето од птицата: тој стоеше потпрен, речиси – исправен пред својот дом, скаменет, спокоен - сам себеси син епитаф.
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Бараше да се создадат претпоставки за воспитување и образование во школскиот систем, кои како прва и основна вредност ќе ја признаат националната култура, оти таа била „пиреј што не може да се искорне“, иако комунизмот, таа беда на духот се обидувала и тоа да го стори; рече дека денес, повеќе од кога и да е, се пристапува кон создавање народни спортски и пејачки друштва, младински и студентски сојузи, во кои се јакне националниот дух и свеста за народниот карактер на секоја голема уметност, а сѐ удира по сето она што одбива да се декларира како народна уметност.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
По неколку поминати чекори затворив очи и празнината обрасната со пиреј и диво зелје ја полнам со куќите на Нановци, Дамовци, Пурдовци, Ласкини, Поповци, Доновци, Љаповци, Пинѕовци, Пеновци, Шкокловци, Трајковци, Наковци, Пандовци, Фиљовци, Гуљовци и другите до бројката 54 родови и куќи под чии покриви живееле 400 души и уште педесетина на гурбет отидени отаде големите води.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
На Бог му пркосат, клеветат и мамат горделиви среброљупци со суети полни грабаат плодови и шејтанот го слават болни од алчност, подмолни и злобни Вавилонци бдеат над мрачното небо морално да нѐ осакатат и збришат но пирејот нема намера да згасне Господ го создал да живее вечно
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Овде е пострашно од пеколот на Данте со векови реки се полнат од плач но пирејот повторно расте и расте попусто го корнат им пркоси пак
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)