подели (св.)
Исто така, можеби некои Срби во моите расудувања за непостојанството на народното име кај нас ќе најдат потврда на мислите на проф.Миловановиќ, којшто докажуваше во „Дело” дека треба Македонија да се подели помеѓу балканските државички, зашто не претставувала ниту географска, ни етнографска, ни историска целина.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Тага ми го стисна грлото. Го гледав малото неподвижно кученце и не можев да верувам дека утре не ќе можам да го поделам со него кришум земеното парче леб.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
И дури Бино сакаше да си ги подели со протата и другите даскали, некои сакаа да се прошири пансионот, некои да се вратат на митрополијата. Не се сложија.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Покрај парите што ги даваше грчката пропаганда преку битолскиот владика, Кондилис донесе лично илјада лири направо од Атина и им ги подели на оние „Грци" што се двоумеа, а испрати во Атина и пет шест деца на повидни селани да учат „вистинска наука".
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Волната јатрвите ја поделија уште пролетоска на три дела.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Во овој темен круг со хоризонтот затворен во густиот грб на боровите мансарда сум на една починка Од ноктите ќе исцицам трошка храброст да ја поделам есенва.
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
Се потпираше на столот, не беше сигурен дека брзо ќе го крене. Лампионот се ширеше, се полнеше со бес, брзаше да ги подели на слогови сите познати и непознати немски зборови.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Така е, на чесен збор: во малите градови осамените и тажните се кловнови за луѓето, за оние луѓе што строго го поделиле животот на печалба, сопружничка должност и спокојство крај полната софра. Во малите градови.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Откако е веков курдисан мајсторите со никого не сакаат да го поделат правото на првата лажица од котлето.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Најпосле решија да го поделат по токму, сето она, што го имаше спечалено тој со своето дуќанче.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Тука дојдоа Толе и Андон. Но не да ја поделат радоста со Маргара, ами да ја опфатат со своите соколови очи својата земја во која стенкаат нивните браќа и другари.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Зимата го подели денот на зеленика и снег под сивото небо.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
- Еве, на, им велам на луѓето, поделете го за душа од децата.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
- Тие Христоса го поделија, вели Григор, а не Македонија, Пушти и вино, Левтеријо, оти рибите поарно пливаат во вино, вели и се засмејува.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Не можат да се погодат, како да го поделат.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Тоа го сторија во првата година; во втората, пак, откако со исто такви ѕидови, во кои како некој вид проток, вградија капиџици, тој голем и легнат од север на југ правоаголник го поделија на четири еднакво големи и исправени од исток на запад правоаголници, пристапија кон подигање на зградите.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Ете тогаш кога, додека сѐ уште доаѓаа на зимување во Петочка Вода, рано напролет, околу Ѓурѓовден, Ѓурчиновите момоци ќе го поделеа својот булук на два дела и машките јаганца и јаловиците ќе ги потераа, преку газилата на Црна, на пазар во Битола и во Солун, а женските и молзниците низ Чепиговски Мртвици, преку Даутица и Јакупица кон родната Мијачија, тоа навистина прилегаше на пролетно раскрилување.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Отрчав и го поделивме со тие што ми се најдоа најблиску.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Нѐ поделија на две: жените на една страна, мажите на друга.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Ние се поделивме на две групи и се извлековме.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)