пораби (св.)
И тогај, над нашите балкански предели кога да зажари лето, кога да надојде жетва, кога да згаснат сите други цветови, тоа сивкасто стебленце ќе проговори со сета своја тага: на врвчињата на боцките ќе се покажат црвени крунички порабени во жолто.
„Ненасловена“
од Анте Поповски
(1988)
Брадата го открива карактерот кај човекот: оној што ја пушта брадата да му расте слободно, природно, диво, без да ја дотерува и обликува - има нешто уметничко во себе, повеќе го обликува духот отколку брадата; оној, пак, што ја потскаструва брадата, што ја дотерува, негува и обликува - ја искажува својата префинетост, нежност, желба за блискост и допадливост; оној што ѝ дава форма на брадата во вид на трака што му врви преку вилицата и се спојува со зулуфите - сака да е упадлив, да обрне внимание на себе; оној што ја бричи брадата само на врвот од вилицата оставајќи ја гола како јајце и надевајќи ѝ на брадата од образите да се спои, прекинувајќи ја како прекинат мост - тој ја искажува својата затвореност, потиштеност, нерешителност, колебливост; оној што ја пушта брадата да му расте само на врвот од вилицата спојувајќи ја со мустаќите, ја изразува својата ученост и љубопитност кон сѐ, полн е со енергија и сигурност во себе; оној што ја остава брадата да му расте во вид на шилец или ластовичино крилце спуштајќи ја накај гушата - пргав е и склон кон брзање: брза и во мислите и во постапките; оној што носи порабена „шпанска брада“, полн е со искушенија и желби за доживувања, за авантури, за весел и безгрижен живот.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Зетот Богдан ја поткренал ногата повисоко од невестата, со цврст отсек, му се гледаат белите волнени чораби под ногавиците на бечвите порабени со гајтан; при замавот, дуплите ракави на џамаданот му се поткренале нагоре како крилја од птица; под фесот зафрлен кон тилот му стрчи парче коса како празови лисја влажна од пот; погледот му е свртен кон невестата која ја следи во играта.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Појдоа обајцата, по камената патека порабена од двете страни со високите стракови мирисливи каранфили и трендафили, кои ги одгледуваше Мајка, како да беа дел од семејството за кој кои требаше редовно да се грижи.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)