предолг (прид.)
Тоа високо момче со предолг нос за своите години веруваше премногу во себе.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Не можам да ти објаснам што ме тера да те побарам, вака, со писмо, но и да можев тоа да го сторам ќе кренев раце. Тоа би било предолга приказна.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Го погалуваше неколку пати по она негово главче, а тоа прво стоеше под неговите прсти, а после почнуваше да скокара по собичката, секогаш наново приближувајќиму се и отскокнувајќи со оние свои предолги и претенки ножиња.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Зоки го допира јагленчето до ѕидот и почнува да трча, а на ѕидот останува долга – предолга црна линија.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Зло: принцеза (прст во носот!), сета грда, сета грда, со предолги уши мрда, пред мрсулав принц и клепкав таа везден ноздри чепка.
„Најголемиот континент“
од Славко Јаневски
(1969)
Западнал така меѓу аскерот но без своја волја и распонот од Кукулино или од некое соседно село Констатнтин Цапар, вдовец со две деца, незаштитен да трча под фес и со предолга пушка кон топови алафранга и кон српски стрелци но со надеж дека ќе ги прерипа плитките ровови и ќе им се врати на Али Ризовите војници.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
„Чекаме, сега ти ќе ни раскажеш нешто. Во молчењето времето е предолго.“
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Се загнезди ли таа зад неговото чело до крај, во исто време и на прекусиот и на предолгиот живот?
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
И кога Борис Калпак се обиде да се урне со сиот бес што го собирал во грлото, во крвта, во срцето, на предолгиот пат од Кукулино до оваа куќа во која се загнезди нашата коба, во која таа коба стана несреќа на недолжни луѓе, навистина кога Борис Калпак ги крена рацете кон очите на бегот, во истиот миг кога старчето водено од претчувство се склопчи во огништето, еден од слугите ја подаде раката продолжена со црна кубура.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Предолгите нерамни и скоро кучешки заби диво се разголуваа под слабата селанска светлост што ни на ноќта ѝ се предава ни ноќ совладува.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Беше уморен до мачнина. Конфузно потскокнуваше неговото срце, вечното стоење во задушливо-мрачната соба беше преголем напор, предолго да се дава вештачко дишење беше злостор над самиот себе.
„МАРГИНА бр. 36“
(1997)
Оној што тогаш го видел со кошчатите шаки и наизглед предолгите раце, со избричена глава, можел да помисли дека пред себе има некој деликвент кој штотуку му избегал на џелатот од под секира. 84 okno.mk
„МАРГИНА бр. 36“
(1997)
„Ме одведе до Велес со џипот. Ете, тоа се случуваше“, рече, иако и самата беше свесна дека паузата што ја направи додека го смисли одговорот беше предолга и ѝ даваше на ситуацијата сјај на раскошна лага.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Патувањето траеше долго, предолго. Вовчето, мало, старо, со маки и забревтано се искачуваше по ридовите.
„Патот на јагулите“
од Луан Старова
(2000)
Со кусите денови и долгите ноќи, зимите и така знаат да бидат предолги, а за мене оваа зима стануваше триж подолга.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
„Затоа го мразам своето име. Предолго е.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Елефтерија му е предолг збор за тепкање.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
А колку лесно пишував тогаш семожни предолги дипломатски депеши и извештаи кои, сите заедно, денес не вредат речиси ниту една страница од писмо напишано од Мајка.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Егоцентрична река.
Упатена накај белото море
па она друго и друго
сѐ додека не се нурне
во овоземниот облик
на бескрајот
- океанот.
Реката е предолго загледана
во својот крај - уточиштето
премногу втренчена во
преобразбата.
Реката така чека и
го дебне мигот
на својата смрт
- слевањето
во другиот.
Од идентитетот ѝ останува
само морската
струја.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Ѝ пишував предолги писма, кои верував дека во нејзината читателска потсвест ќе ферментираат како одговори на моите дилеми во животот.
„Потрага по Елен Лејбовиц“
од Луан Старова
(2008)