роднински прид.

роднински (прид.)

Околностите создаваат културна и национална близост меѓу луѓето и околностите ги раздвојуваат роднинските елементи.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Не треба ни да се каже дека тој извор, така привикан, никогаш не е естетски туку роднински, не е одреден со естетското мерило на слободните институции на националната (како светска) литература туку со органскиот „указ” на апсолутната моќ на крвта и тлото.
„МАРГИНА бр. 36“ (1997)
Се воздржуваше... колку и да беше силна Партијата и власта, си беа поврзани, роднински, пријателски, кумовски, сватовски и со други односи. Не отстапуваа лесно од овие врски. Јагулче добро го знаеше сето тоа.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
И штотуку наближам до Сена мојот поглед ја напушта земјата, ме напушта и мене и тргнува да плови меѓу ѕвездите... и нешто длабоко тогаш се вознемирува во мене: моето човечко битие, горе меѓу ѕвездите, го препознава својот древен дом, своето древно огниште, мојата роднинска постела...
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
- На која страна се В`мбел и Смрдеш? – ја прашав пред да го пречекори прагот, знаејќи дека тие две села се соседни, а жителите многу роднински поврзани.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Сепак, практиката покажа дека помеѓу основните и најчести причини за дискриминирање при засновање работен однос се субјективните преференци на приватните работодавци, врз основа на роднинска поврзаност („непотизам“) или пријателски врски („протекции“) – а, токму во врска со ова, не беше понудено соодветно законско решение.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Присилните психијатриско- полициски средби, како дел од превентивното роднинско воспитување, во редовна законска постапка, би ми предизвикале дури и конечно олеснување, затоа што за нив ќе постоеше вистинска причина...
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Кастинско роднински „интелектуалци,“ или постсоцијалистичко атеистички чконтари кои во бившиот систем успеале навреме да земат КПЈ црвена книжица, денеска вешто укопани во трулиот партиски систем мудруваат и обесуваат на разноразни општествени области, а во приватниот живот не се ништо друго освен најобични муфљузи кои ги тепаат своите жени, имаат швалерки, а децата најчесто им се испуштени од руки во канџите на пороците.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Појде кон Татковата библиотека на нова серија турцизми кои се однесуваат на човекот (телото, роднинската терминологија), според претходниот договор, којшто според двајцата требаше да се испочитува до крајот кој полека и се ближеше, ако не дојдеше до неочекувано запирање на некои зборови со посебно значење, како што беше случајот со турцизмот фиљан.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)