таинственост ж.

таинственост (ж.)

Тој повеќе сфаќаше од сето ова и беше таинствен, во таа таинственост поголем од самиот себе.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Ненадејниот полумрак ги завитка сите предмети во лилава таинственост а на Јана ѝ се стори дека во таа соба на татковата куќа е сѐ туѓо и непознато и дека од негде е донесена овде да се морничави и со зачуденост да гледа долу, на улица, како водата ги лока камењата на старата калдрма.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Мислеше на ловот, сега сосема поинаку, за миг губејќи ја од своите мисли сета таинственост, што ја имаше до вчера во односот кон него, а нешто што се изроди во сиот тој поминат ден во него, низ онаа проклета притивнатост во сѐ, што правеше со своите раце, и што мислеше со своите мисли, нешто како негов внатрешен отпор кон таа помиреност во неговите движења, го распалуваше во оваа квечерина и го правеше наострен и здивен за уште еден обид.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Се спуштав во подрумот, го отворав сандакот, со она слатко чувство на таинственост и по којзнае кој пат, пребирав по неговата внатрешност.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Денес никој веќе и не може да знае дали барала смиреност во фантастичната симфонија на Берлиозовиот дух, тој тиок признак на романтизмот или, надразнувајќи ги сите свои сетила, наоѓала толкувања за мистицизмот на Дирер, или, исто толку веројатно, треперела над таинственоста на стиховите на Гете.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Не верувале дека таа грлена споулавеност е на избеганиот Онисифор Мечкојад, негде скаменет од гнев или со свои нокти распарчен и расфрлен со свои раце по таинственоста на ноќната земја. ... зошто си се отворила ...
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
По еден или два часа зад полноќ, кога веќе ни месечината го немала она нужно значење на таинственост, далеку и со острината на рабовите забуцана во неподвижен облак како парче на посребрена лопата во сива и лилава земја над самата земја, ридовите се згуснале, биле исплашено и гровнато кртило на непознати животни, речиси повеќе правоаголници, триаголници и искинати елипси на светлост и сенки отколку скаменети крмници со џиновски стави.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Таа не сфаќа дека вистинската таинственост е онаа за која всушност се шепоти.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Трема (1950), означуваше враќање кон рафинираниот англиски филм на таинственост и злостор; возбудлив филм што Хичкок не го сака бидејќи смета дека во него улогите се погрешно поделени, што веројатно е точно.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Тој не знаел што претставувале тие, но нивната таинственост му зборувала дека можат да бидат само нешто добро.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Убавината станува таинственост. Површините и цртите се одвојуваат од исклучиво предметната врзаност, се осамостојуваат, најнапред во горчливи игри.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Многу е тешко да се направи лик на виновник обвиен со таинственост.
„МАРГИНА бр. 21“ (1995)
Маргина е ко алхемичарска рецептура, сѐ некои таинствености...) со овој расказ дебитира не само во Маргина туку воопшто, и благодарни сме ѝ што за тоа го избра токму нашето списание.
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Како што леталото завлегува во зоната на ноќта распослана над Атлантикот, низ прозорецот допира сѐ поскудна светлина, како некој надвор брзо да го свртува реостатот од светлосниот парк на дневната светлина, па океанот добива на таинственост и несфатлива длабочина, а на небото се појавуваат првите ѕвезди.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Уште кога ги виде во дворот, тој се постара да си ја придаде онаа студентска важност, донекаде таинственост на позивот, што толку им импонира на гимназијалките.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Мене навистина ми беше повеќе од јасно дека смртта на Командантот и лирскиот тенор и понатаму остануваше обвиткана во чудна таинственост.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Гестовите на нејзините раце секогаш бавно одеа во широчина, според ритамот на нејзиниот умерен глас и начин на раскажување кој секогаш оставаше простор за блага таинственост.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Префинетиот сенс во моето чекорење, мистериозната сенка на моето торзо, се само склоп на есенцијата во центарот на мојата таинственост.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Сакаа да дознаат, да откријат, да го симнат велот на нејзината таинственост.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
На крајот и двајцата сфатија дека сета таа таинственост нема никаква смисла.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Повеќе