украсен прид.

украсен (прид.)

Лево, напред, врата, а во дното долап; меѓу прозорците огледало од горе малку спуштено и украсено со крпа со домашен вез во форма прозорец со расечена завеса и од горе на среде преврзан со корделка.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Седнат на златниот престол во најсвечена облека, со голем турбан на главата украсен со најскапоцени дијаманти, во долга свилена долама, со златно извезени пантовки на нозете, седеше старец од шеесетина години достоинствено и гордо ги примаше пријавените од Великиот везир странски дипломати.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Во широката и богато украсена свечена сала султанот почна со аудиенциите.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Во Ресен соѕида голема куќа со длабоки ќерали, со резба украсени одаи и широки чардаци.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Од таванот украсен и ишарен во средината и на четирите ќошиња со длабока, на орево дрво, изработена резба, висеа големи гроздови миск, лисиче, каланпарај и друго грозје зачувани уште од есента, повеќе за личнотија, бидејќи за јадење се пазеше во мусандрите одбрано грозје.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
- Устата да ти се позлати, сестро, - кажи, стопи ми ја грутката во градиве... - се одѕва молежливо мајката и ја стави на градите раката украсена со скапоцени прстени.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Плугот заорал во камења, тули, пепел, пронашле и некои грнци, некакви бакарни гривни, други украсни предмети, пронашле и згура, што докажуваше дека некогаш, зад преградата од минатите векови, на ова место постоела населба во која се топеле и обработувале метали.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
На челниот дел од куќата, под стреата: срце, прстен, токосани раце, ангелче, венче, и во нив: почетните букви од името и презимето на домаќинот и годината на градењето; балкони: украсени со елементи од железо или ламарина во форма на триаголник, четириаголник, ромб, ромбоид, круг, трапез или со гипсени елементи во вид на амфори, во вид на подлактени раце или сосем едноставни со парапети кои завршуваат со коритца за цвеќиња; чардаци: долги колку што е долга и куќата, со пармаци, со плотици од костен, од даб, од јасика; на чардаците испуштени башлаци над кои висат мали куличиња низ кои може незабележено да се ѕирне во дворот, на патот, или во време на војни и арамилак, да се протне цевка од пушка и да се направи пусија; покриви: со рамни или со стрмни стреи, со испуштени чакми и кучиња, со поткренати маи како крилја од птица, со издолжени предни страни како козирка од капи, или прекинати со предниот ѕид што се крева нагоре за да го затскрие покривот; вратите: со една, со две поли, обични или со нутифедер, со украсни бордури на секоја пола, со надвратни прозорчиња застаклени или опшиени со мрежа за заштита од секакво гадурии; на вратите жапка или шуличе што се отвора со стап кој постојано е врзан на вратата, ѕвонец што ќе чукне потивко или посилно, резе со катинар или брава донесена којзнае од каде; прозорците: широки, европски, или пак тесни со по неколку крила доближени едно до друго за што подобро да ги осветлат просториите; оние што се на долниот кат и низ кои може да се ѕирне, заштитени се со железни прачки извиткани во разни форми; кај што нема железни пречки - дрвени капаци испукани од сонце и дожд, но кои ноќно време убаво ја затвораат куќата како дланки склопени на очи или како мравкини дупки.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Сум видел како од убав автомобил, низ отворен прозорец се подава женска рака богато украсена со гривни и прстења и како од неа на коловозот паѓа кора од банана!
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Аквариумот го средив како сон. Го накитив со украсни билки.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Инаку се и големи талкачи; талкаат со говеда, со овците, низ полето, ливаѓето и по ридовите; талкаат, ловат и риболоват, во Црна, во мртвиците, во Блатото,а поледелието и сточарството, иако им врват одлично, повеќе ги сметаат за нужности на поминокот и поводи за празненства, дедека становниците на Градиште, судејќи според она што останало по нив за да сведочи за нив, кованите пари, керамиката, разните украсни предмети од железо и преданијата, кои сегашниве жители на Потковицата, чувајќи ги и пренесувајќи ги од колено на колено, ги измешале до непрепознатливост, морале да бидат воини и инородци.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Сите кои имаа можност да ги видат, а можеше секој од Потковицата да ги види, беше само да отиде дома кај Акиноските и на надлежиот за тефтерот, по правило тоа беше најстариот од нив, да му раскаже нешто кое навистина се случило и кое ги засегнуваше сите од ред во Потковицата, остануваа стаписани од големината нивна (собрани на куп, со тевтерите можеше да се наполни доволно еден дел вејнички куфер) и од писмото во нив: беше чудесно испишано и украсено со разно-разни шари.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Го повикувале на свадби, на сунети и на празнични седенки да везе на тамбура украсена со седеф.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Маса народ тргната од некаде за некаде, се движи како несопирлив бран украсен со разнобојни транспаренти што поединци ги носат кренати високо над главите, со знамиња што се веат над нивните глави, со извици што се креваат до небото и со барање на кое мора да се излезе во пресрет.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Кога ќерка ѝ, Јана, мајката на девојчето, ѝ донесе за роденденот три раскошни цвета на стрелициум, три наежени папагалови глави, завиткани во целофан и украсен црвен ширит.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Младата продавачка, речиси софистицирани со набеленото лице и црниот, припиен фустан, ми ги завива во украсна хартија писмата на Ван Гог до братот, расказите на Бруно Шулц, Вејтсовиот „Џокеј полн со бурбон“ и книгата со патетичен наслов „Предсмртна љубовна песна“.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Транспарентите и постерите со кои беше украсен плоштадот беа погрешни !
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
И во средето на светот столб златен видов, столб што се извишува во висина на човек, во резби раскошни, од рака нечовечка сочинети, со какви што ниеден свешник на лицето на земјата не е украсен; и на врвот од столбот – плоча златна, четириаголна; и на неа – Книга во папокот на светот, чаша со питие небесно, Слово Господово!
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Откриените мермерни столбови и украсни садови од III и II век пред нашата ера укажуваат дека населбата била средиште и стратегиски значајна точка по долината на Брегалница.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Градскиот комитет за градежништво, комунално станбени работи и екологија по должина на булеварот „Јане Сандански“ - дедо, кај што се возевме кон нашата населба - веќе има засадено 5 000 садници на површина од шест хектари: липи, јавори, дабови, кедрови, украсни цреши и јаболкници, сребрени елки и околу триесет видови различни грмушки.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Повеќе