цена (ж.)

Скриениот може и султанот да му го бара, заплашувајќи со колеж. па макар по цена на крвта - не ќе му го дарат онега помош што молел...
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
А при тоа да го цениме своето работење не по надворешниот негов вид, а по неговата вредност, а цената на трудот се мери со потребните за него сили.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
„Трајното зголемување на цените како резултат на образувањето на картелите – вели Кестнер – досега се забележуваше само кај најважните средства за производство, особено кај камениот јаглен, железото, калиумот; и обратно – никогаш не се забележуваше кај готовите производи.
„Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот“ од В. И. Ленин (1917)
Монополот на банките се слева овде со монополот на земјишната рента и со монополот на сообраќајот, зашто порастот на цените на земјата, можноста таа поволно да се продаде по парцели итн., пред сѐ зависи од добриот сообраќај со центарот на градот, а тој сообраќај се наоѓа во рацете на крупните компании кои со истите тие банки се поврзани со системот на учества и со распределбата на директорските места.
„Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот“ од В. И. Ленин (1917)
Необмислената политика ги зголемуваше цените уште побрзо и уште посилно одошто би станало тоа без картелите, и речиси сите тие картели завршија неславно „во гробот на крахот“.
„Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот“ од В. И. Ленин (1917)
А вие Циганите не знаете да ги цените парите.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Тој побара три цени, та овие веќе му дадоа една и пол, но Петруш и понатака се колне во денешна света Петка, утрешна света сабота, други денешна света недела и сите годишни светци, си ја пцуе по десетти или стоти пат мајката оти не сака од нив да печали, и исчепкува уште една четвртинка од вредноста, убедувајќи ги своите пријатели дека им ја дава стоката „под зијан, само и само да не ги пушти на друго место, да им услужи, и да не речат прилепчани оти на Петруша му избегале муштериите и отишле на готов пазар кај комшијата Плашета.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Го избакна уште повеќе крштеничето и стана, си киниса, решена по секоја цена да исткае и таа такво „чудо“.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Им соопштува на свој начин дека дошле даскалиците од Охрид и дека вечер ќе даваат претстава и кои се цените на местата, та иде и до најинтересната новина од денеска која сам си ја додава, разбирајќи дека: на некое момче од Марул му избегала невестата и запиња повеќе од секогаш: — Денеска на пат за Прилест загинала една млада, бела, калеша, убава невеста од Маруууууул!
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Момците одговараа: на Асан-бег од Ерековци, на Селим-бег од Коњари, на Суљо-бег од Рувци, на Муарема, Фазли, Фета, Даута, Сефедина, Мамут-бега од Дедебалци, Шелеверци, Алданци, Букри, Егри, Бач, Брод, Новаци итн. и им ја кажуваа и цената на стоката која стопаните – бегови беа ја определиле, а исто така им ги покажаа и самите бегови кои седеа во блиското кафе водеа пријатни разговори.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Додека пристапот на Чебренскиот Мост го штитеше тесниот пат и непристапните карпи, оној на Светецот беше незаштитен од природата, та требаше на вештачки начин да се бара и создава заштита, макар и по цената на човечки животи. И ја најдоа бунтовниците.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Никако не му идеше в глава толкава упорност и пожртвуваност, тврдоглавост, како што си велеше самиот во себе. Не можеше да си го објасни фанатизмот на овие луѓе што ги жртвуваа животите заради своите души; заради верата и слободата што ги бранеа по цената на животите.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Осветлените прозорци како да му ја открија вистинската цена на изгубеното!
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Љубопитно ја изгледа, не ја доврши мислата што се роди во него за цената што ја платила за крзното, ја прегрна.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Влезе, поразговара и запиша во својот список едно име: Стојан Ванков, роден тогаш и тогаш, тоа и тоа, неженет и - доселен по војната од зад граница. „Благодарам“, рече кришум гледајќи кон касата, а тој, Ванков, имаше доверба во него и му говореше со асматично шушкање до душникот за сѐ - какви се цените на пазарот, кога бил најголемиот пожар во некој голем град, каква политика води Черчил.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
ЛУКОВ: Добро. Сега слушај ме. Утре ќе настојувате тој по никоја цена да не добие ориентација ниту за местото на атентатот, ниту пак за куќава.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
И сторете сѐ - по секоја цена таа да отиде в град и да се задржи таму колку што може подолго.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Тие подготовки треба да останат засекогаш тајна по цена на нашите и Вашиот живот.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Гледајќи ја оваа маса од расчувствувани лица, Арсо се прашаше самиот себеси, зошто овие сериозни лица - запотени, стеснети и опијанети од љубопитност, ги заборавиле своите секојдневни работи, многу важни за самите нив и се претвораат овде во наивни, пакосни или добродушни гледачи, зашто им е потребно тоа да се согласуваат со оние што обвинуваат и на таков начин да си ги прават душите тврдокорни, барајќи во себе презир, непопустливост и казна за оние што се млади и непокорни, но очигледно способни да ја платат највисоката цена за таа своја непокорност, за тоа свое несогласување и за мечтата за нешто што го нема, но треба да дојде, зашто без него нема смирување и среќа.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Но, Глигор ја наслутува позадината и цената на Џемаловата услужливост.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Повеќе