челуст ж.

челуст (ж.)

Ха-ха-ха! ... Некаде насреде од чудовиштето зина огромна челуст, водата закипе, се запени и Мече усети дека расте, се надига над него бескраен воден свод.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Дожд во дланките, земја во исклештените челусти. Не, ни тоа не.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Немам причини да се жалам на животот. Еден контрабандист како што сум јас живее храбро, интензивно. Како зината челуст на вулкан.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Ја одведоа, потоа собата му стана една огромна челуст полна со неподносливо пиштење на тишината.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
И тој неочекувано извади од длабокиот џеб две стуткани стотки, ги крена високо и удри со тупаница врз масата; ја покажуваше волчата челуст, црна и длабока болка во која тапо јачеа прашања.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Виде лепливи, млечнобели дланки на полуголи и голи мадони, набабрени дојки од модро млеко, глиненоокерни, сиви, лигави скитници, колари, просјаци, снобови со гладни челусти, гладни грла, гладни очи, и беспризорни, и безработници, и провалници.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Ноќта го меле огнот. Од нејзината црна челуст прскаат искри.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Касата имаше стисната челуст на мртва ѕверка. Не попушташе, остануваше тајна.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Тој се загледа во малиот отвор од кој избиваше црвен пламен, како од челуста на голема, разгневена ала.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
И сепак, празнината во собата зјапаше, можеше да ја склопи својата челуст и да го затвори во својот мрак, него и сѐ околу него.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Челичните заби се вклештија еден во друг, се стиснаа како ѕверска челуст, и тој, Стојан Ванков, се исправи со суво шушкање во душникот.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Под него стрчат спили како разголени челусти, а под нив се удира и пени морската вода.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Секој прегризан бут и секое распарано уво е секоја капка крвава пена од пијаните челусти.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Крокодилот зина и јас брзо му ја заглавив гранката, во челуста, онака, како што го нацртав пред тоа во црнечкото село.
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
Важно, Стрела е жива и знае дека во никој случај, дури и по цена на сопствениот живот, нема да ја прати во челустите на волците.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
На лулето остануваа влажни траги од неговата челуст -впивајќи ги на врвовите од прстите, тој во себе внесуваше нежност.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Само виделе при светлоста на огновите некаква крвава крпа од месо и кожа во коњската челуст и го виделе офицерот како се зграпчува за лице сличен на гробник со два профича и се стрчнале обезглавени и ужаснати да се одмаздуваат со истрели и со сабји дури кога Лебед од скок, како да се лизга по невидлив мраз, се изгубил, ги оставил неми и бавни во движењето и му се вратил на овој мрак од кој дошол.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ако појдеш до комесарот на другите, тој ја развлекува волчјата челуст, сака да апе - Од пет ока јаболка не ќе се сотреш. Има манастирот.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Тогаш дошол Онисифор Мечкојад со таква оѕвереност на челуста што дури и дрвјата затрепериле околу него. Смеењето ослабнало, кикотливците молкнале.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
И пак сонував, сега зелена гнилост на глуждести дабја и зелени костури на непознати животни меѓу шилести камења и во дувла: во отворените челусти танки црви ги дупчеа потемнетите јазици.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе