шадрван (м.)
Разбраа дека го обесиле на ат пазар во Битола баш до шадрванот, каде што пазарџиите си ги појат добиците вода.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Тешко е во Истанбул да се најдат поубави места за живеење од оние каде што со векови живееле турските падишаси, уживале во харемите и покрај шадрваните ја кроеле историјата и судбината на рајата.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Раскошна архитектура, мермерни шедрвани, бавчи и цвеќиња и двор опашан со висок ѕид, босфорски води, огромни мермерни столбови. 14.500 кгр. злато, кристал, хареми, тешки персиски килими, мермерни бањи, уметнички слики, фрески, полилеи, едно баснословно богатство - тоа е „Долма Бахче“...
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Но ако бил повеќе загрижен за коњите, 'ртовите, пауните и билбилите во сарајот со мраморни шадрвани, слушал меланхолична песна на една од своите пребели жени и ги заборавал човечките патила.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Султанот најпрвин ги прекорувал и им ги зел имотите, шадрваните, коњите и жените, потоа објавил, доколку не му ја донесат главата на ајдутот, ќе ги испообеси на железни куки или ќе ги испофрла во јами со исправени дренови колови.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Високите и разгранети платани ја истураа сенката во жуборливите шадрвани во кои се губеше шепотот на верниците.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Притоа мислев на дрвцето покрај шадрванот кое и вистински е со одрана кожа.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Ама пусти страв, дека срцето нешто ќе побара таму кај Шадрванот!
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Ако ѝ рече да остане, божем за да имаат децата права мајка, таа ќе се напрчи уште толку, небаре женски чауш, и ќе почне да му го фрла фесот низ чардакот, или да му ја топи чалмата во шадрванот.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Со два влеза: башка за мажи откај запад, и башка за жени откај север; со десетина куполи; со околу петнаесет одделенија каде што имаше предвидено и делови за перење; со шадрвани, чепури топла и студена вода, и со други убавини и удобности.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Пред куќата, кај шадрванот, таа ниту подзастануваше, небаре не ја гледа таа убавина, а кога слушна дека ибн Бајко е задолжен да изгради и теќе, што ќе биде чувано од теќе-ефенди, таа толку силно се исмеа, што шумата се стресе, а потоците наоколу почнаа да подрипнуваат врз камчињата.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Цутеа нови лимони. Плискаше водата на шадрванот.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
Лакхдар беше во право. Вилата во која некогаш живеел Андре Жид во Ла Марса беше со убав видик на морето, со градина сета обрасната во густо медитеранско билје, насекаде проникнато со стракови јасминово цвеќе, со шадрван на средината.
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
ЌЕ ИЗГРАДАМ ГРАДИНИ И ШАДРВАНИ И ОД МАЛИТЕ МОМЕНТИ НА СРЕЌА ЌЕ НАПРАВАМ ВЕЧНОСТ СО НАСМЕВКА ПОГОЛЕМА ОД ЖИВОТОТ
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)
Кога во Париз и Лондон изметот се истресувале низ пенџериња на улиците, во Сараево имало канализација, водовод и шадрван со шеснаесет чешми. (Хазим Акмаџиќ)
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
И Татко и Камилски, секој на свој начин, и според свои мотиви, беа обземени од мистериите на османското време, задржани и скриени, присутни во мирисот и здивот на вековите заборавени во џамиите и вакафите (битолските кадиски записи), во шепотот на водата на шадрваните, во ехото на исчезнатото време во ановите, во звуците на чаршијата.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)