аждер м.

аждер (м.)

Дење седеше во колибата, ги следеше од внатре птиците што слетуваа на островцето да отпочинат, им го следеше летот низ воздухот, им го одредуваше местото каде навечер слетуваат да преспијат, или каде прават гнезда, и кога ќе се затемнеше, излегуваше како ноќен гуштер од колибата, се влечкаше пополека низ шеварот и трските, го слушаше тивкото прпање на птиците кои тонеа во дремка, и како орел, како аждер, им се нафрлуваше одненадеж, ги фаќаше со раката за шијата, ги стегнуваше не давајќи им да писнат.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
1. Скриен во сонет како во сонот, Римуван, а неразбран, На пусија дочекан, гонет Од стин и троглави змии, Занесен, во сонот изгубен, сет Изѕемнет, поцрнет од рими, Од своите луди посестрими И од аждери- ѕверки, душодерки; Сонет, недосонет, буден Слуден и студен од мори, Сосема сам, над димни гори, Фатен во тешко оро Со студот и со зборот, Од темни ноќи, до бели зори.
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Јаков умее да напише јунак и умее да напише аждер.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
А какви се аждерите на иконописецот од Побожјане? - Вакви, вујче.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Кажи, што? - Видов огнен аждер, синче. Има мека муцка и нѐ души.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Жената, со топли дланки врз распупените дојки, шепоти благослов за неговото неизвесно патешествие во царството на чкрапјите, влакнестите пајаци, лукавите аждери.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Но, кога не би било зима, тоа можеш да си го замислиш самиот, среде разиграните бистри води аждерот би бил не бел, туку синозелен, прекрасно облечен со нежни сончеви зраци со изрезени форми во кои се кријат чудни волшебни тајни.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Два часа санките шантраа додека дојдоа до наштрбениот рид легнат среде гололедицата како огромен заспан аждер.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Во таа уметност, на стари ноти, во познати тоналитети, наместо за прекуморско писмо од љубената, се пее за мобилен телефон; наместо за параходот што заминува, се пее за семафорот што го разделил љубовниот пар, оти таа минала на зелено, а тој морал да сопре на црвено; се пишуваат дебилни романи во кои една иста жена, Македонка, трипати ја силуваат, за петнаесет минути, еден по друг, српски, грчки и бугарски капетан, па со тоа се изразува трагизмот на македонската жена и на македонската нација поделена меѓу три аждери што сакаат да ја лапнат (притоа, овој раскошен дебил од писател не ни помислил дека на жената можеби ѝ е убаво со тројца, особено што сите тројца едвај издржале петнаесет минути, што за здрав маж е одвај десетина од сексуалната игра (овде намерно го натценував траењето на сексуалната игра, за да ја пленам Луција; очигледно, уште ми значеше, и покрај сѐ што ми стори).
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Аждерот беше незаситен, затоа како најслатка храна му ги даваа и сите што ќе се разбудеа.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Тогаш се прекрстив онака како што татко ми велеше, ко што ме советуваше, се прекрстив и изустив: „Господе Боже, ангелу што ми стоиш на десното рамо, чувару, Спасителу...спаси ме од рогатиот, од оној кој со Господа бил, а Господ аждер го престорил, наземи го испратил. Спаси ме, Боже, од сатанаил.“
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Аждерот со посебна сласт ги јадеше нив.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
БОРИС: Цел живот мислев нови светови градам со чисто срце, со сета сила, орав и копав, нуркав и летав, со змии и аждери адски се давев и не слава за себе да крадам, а слава на родот свој да му дадам.
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
Вчера ја закопавме мајка ми и ги откопавме заедничките спомени: вареното млеко без кајмак и со многу шеќер, врелиот сутлијаш посолен со цимет, букетите црвени булки на првомајските излети, облогите на детското чело и гради кои го цицаа огнот, па предупредувањата дека во секоја вода има аждер пред да тргнеме на риба на реката или на капење во градскиот базен, нежните галежи кога од некого ќе добиевме завратница за спомен и долго сеќавање...
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
На плоштадот на револуцијата во Москва гладта доаѓа катаден кога е ручек време доаѓа како на волшебно килимче на лепче намачкано со маст и црвен пипер доаѓа и се клешти како гласник на светските промени се клешти и како седмоглав аждер го задева Свети Ѓорѓија.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Да беше јаничарството историска институција, воена, инструмент на освојување, таа така и ќе завршеше, но јаничарството продолжуваше, како аждер со повеќе глави, кој не можел никогаш да биде уништен, ако му била пресечена една глава, на истото место израснувала друга поголема глава, сепак меѓу нив имаше најмногу јаничари по судбина или по нешто друго загадочно и необјасниво за Татко.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)