болештина (ж.)
Од големата болештина Силјан летнал како некој стршен и отишол на куќа, та си застанал на левата нога да ја плаче лошата болештина од скршената нога.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Тој го стави српот на рамо, ги потпре тупаниците на колковите и се подисправи за да ја надвие болештината на крстот.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Ќе бегаш и - олеле, олеле, ќе викаш и ќе си дуваш во прстите од силна болештина.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Секој си е зафатен со раната своја, со болештината своја.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Од ум ме вади болештината.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Власта, онаа вистинска, го заборавила селото, ако продолжи вака ѓаволот ќе дојава на кобила од чии ноздри ќе капе болештина, чума или такво нешто, потоа ќе се лепи за добитокот и за луѓето, мислеше некој од нив.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Затоа некои исплашени и самите да не се запрпелкаат во мрежата на болештината, ја оставиле двоколката со воденички камења и избегале со своите волиња. Тоа биле Пане Долгманов и Кирил Сукаловски.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Дошла болештината, значи судбината ти ја натоварила на грб.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Не бил сигурен, подоцна само претпоставувал дека непогрешно го сонил она што ќе се случи во новиот ден: најпрвин, по сончевиот изгрев, го нашле, пред тоа, во ноќта, заборавен на носилка исцерителот Пандил Димулев, тој пријател на билје и треви; најверојатно дека безгласно починал од вчерашната рана помеѓу срцето и левата страна на стомакот, а потоа другиот тревар, откако го исплакал својот пријател со солзи што можел да ги пролее и над својата судбина, веќе видливо исушен и потемнет, легнал на неговата носилка и ѝ се предал на болештината, веднаш сите да видат дека се сушат и потемнуваат во лицата, и Самуил Пендуш, и Сандре Самарија, па некој (во неговиот сон, потоа во стварноста) барал да појде гласник по селата крај кои ќе минуваат, умните да оставаат на патот лук и ракија, за нив, и сено за воловите, инаку сами ќе атакуваат и ќе грабаат со темна можност да им ја донесат на домаќините, како гостинка, чумата што уште пред да го закопаат едниот тревар го однела другиот: два гроба еден крај друг, плитки и покриени со тврди грутки, крст до крст со шубари на вертикалниот крак.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Фатил некоја болештина! Фатил сифилис! Ќе ни донесе колера!
„МАРГИНА бр. 21“
(1995)
Ги видовме помориите и сушите, чумите и болештините, пожарите и скакулците.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Турчинките беа пријатни жени: ја слушаа со внимание кога им се жалеше на болештините.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Го гледавте како да ќе ве зарази со некоја непозната и страшна болештина.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Каде завршува пештерата на болештините? Кои шарки ја држат вратата од спили?
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Македонија како библиска земја беше седиште на разноразни чујни и нечујни матновидци кои ги исцелуваа напатените и очајни транзициони страдалници со телесни и душевни болештини за кои и медицината дигнала раце.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
А, во моментот кога и тој што те работел цела ноќ ќе почне да верува дека навистина те мачела некоја болештина, заедно со неговата жена, да не речам глупача... сите испити ти се положени!
„И ѓаволот чита пРада“
од Рада Петрушева
(2013)
Таква болештина се закачува на берзите каде што секогаш со задоцнување признаваат дека Маркс бил во право.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Во борделите се закачуваат други болештини, иако газдариците имаат пудлици и други миленичиња кои влеваат доверба.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Божем е мала скапијата, божем се малку болештините.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Ама пишано било по луњата селото да го налегне голема глад и некаква клета болештина... Чума ли? Никој не знаел!
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)