бункер (м.)
Ене, непријателот копа окопи, ја сече немилосрдно шумата, ги копа ливадите и лозјата, ги урива ѕидиштата, племните, та дури и куќите; ги копа огништата и визбите и прави бункери за да се задржи што подолго; за да го мачи што повеќе и Митрета и Петрета кои гледаа што се прави, а не можеа да помогнат.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
А јас секогаш им барам само еден бункер, митралез, стомне водичка и троа леб.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Па знаеш дека јас сум те извлекол од бункерот што гореше.
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Наводно, се зборува дека, ако ги вратат децата, нема да одат да копаат ровови и да градат бункери... Така се зборува...
„Постела на чемерните“
од Петре Наковски
(1985)
Се префрливме на планината Тамбури, а ваму немаме ни ров ни бункер, што се вели, никакво утврдување.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Стојат селаните пред училиштето, исчекуваат и гледаат кон врвовите на Галичица каде што птиците водат борба меѓу себе грабајќи се на понекоја мрша останата по рововите и бункерите и морници им врват по снагата.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Луѓето ги криеја козите, копаа во дворовите подземни живеалишта, бункери, секоја куќа небаре стануваше мала тврдина.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Бесмислено се креваа граничните ѕидови, највисоките беа на Балканот, се градеа нови бетонски бункери, се урнуваа старите храмови на верувањето и сѐ во името на среќата на човекот!
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Под шлемот му ѕиркаа очите со остар поглед и потспуштени веѓи; мустаќите тукушто зарастени; воврен е во долг шинел; со едната рака го држи ремникот од пушката обесена на рамото со бајонет кој излегува од сликата; под работ на шинелот му се гледаат камашните изврзани од цокулите па нагоре кон колената; зад него ров со бункер од кој излегол да се слика; и дрво осакатено од граната како удрено од гром.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Наоколу куќи напред, сѐ бункер до бункер голем, и ги има десет барем, крај река на суво поле.
„Пупи Паф во Шумшул град“
од Славко Јаневски
(1996)
Виде не виде, без очекуваната реакција, продолжи: - Ги градеше нашиот народ овие бункери со големи лишувања, но и со жртви.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Во патувањето ја гледав својата родна земја окована во стотиците илјади бункери, херметички затворените граници, жртва на својата изолација.
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Зарем вреди повторно измачувањето со него и со Централата на темата на бункерите?
„Атеистички музеј“
од Луан Старова
(1997)
Можеби настаната од потребата да се поттикне јунаштвото кај борците; (нели, се зборуваше, откако успеал да ја протне бомбата низ отворот на бункерот, тој со своите гради го затнал тој отвор низ кој митралезот го бранел влезот во рудникот) а притоа творците на ова тврдење изумиле дека приказнава може да втаса и до ушите на тетка Боса Сотирова и дека тогаш јунаштвото на Благоја нема да е поттик туку ќе претставува бодеж што ќе длаби во срцето на несреќната мајка.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
Трагиката на родната земја, под сталинизмот и внатрешниот ѕид од седумстотини илјади бункери, ја видов и ја пренесов низ глобалната метафора на Атеистичкиот музеј (во книгата со истоимениот наслов) во Скадар, изграден со цел во првата и последна атеистичка држава во светот, идеологијата да го преземе местото на трите религии (исламот и христијанството, со православјето и католицизмот).
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
А во салонот на тој бункер за одбрана на сладоста, свлечена пајажина од свилени неглижеа лежи распослана по меките дивани и длабоки фотелји, а од салонот, неколку порти водат директно во гнездата на заборавот, потонати во полумракот и згуснатиот кич во кој се задушуваат будоарите.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Таму е безбедно како во бункер и моќта да нишаните во некого е во вашите раце и очи. * Запис пронајден во вештачка насмевка
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
И чекавме... не остававме боринката да догори. Ни требаше малку светлина и за другиот ден ако ни остануваше нешто од денот, и за другата ноќ, ако не бевме на носење трупци и камења за бункери или на носење и пренесување ранети.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Така бевме воспитувани таму во ровот, во бункерот, на кратката почивка по долгиот ноќен марш, во влажната земјанка, во ровот и во бункерот...
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
На излезот од селото низ полуотворената дрвена порта - во дворот, веднаш до влезот на куќата – сив бетонски бункер пред чиј влез зеленее високо разраснат бурјан.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)