гаваз м.

гаваз (м.)

За „спаијата" се донесе едно ведро млеко од десет оки, се напоруча тој и сите покрај него, а протуѓерот Злате и гавазот Ариф го кутнаа бравот за ручек.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Гавазот излезе и веднаш се појави на вратата Суљо-ага. Со длабоко темане и тој го поздрави кадијата како гавазот пред малку. – Сабанаролсун, сабанаролсун, Суљо-ага, бујрум. Кога толку бргу се врати?
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Гавазот излезе и по минута време влезе кај силниот везир јаничар на триесет до триесет и пет години.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Затоа веднаш му нареди на гавазот да го викне буљукбашијата на сејмените.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Овој богато го наградуваше и во истиот миг, оставаше жени, харем, пријатели, работа, оставаше сѐ - се фрлаше на коњот и придружен од гавазите и булукот ’ртки јуреше на означеното место.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Колку повеќе срни му излегуваа пред пушката, толку подиво ги гонеше тој гавазите и ’ртките, да трчаат наоколу.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Сите помислија дека пашините гавази, во тој миг, ќе ја растргнат со коњите.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Доведе уште гавази, ја извести и власта во Кавадарци, та оваа испрати цел одред војска да ги брани муштериите на султанот.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Во Ал-Шари Толевото ослободување предизвика големо задоволство кај работниците, а голема срџба кај гавазите и чаушите.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Едниот гаваз разговараше со Ѓузепо, a другиот се шеткаше под полно оружје.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Во својата голема одаја со чифит-ѕидови испрскани со златни капки (ѕвезди или дукати, стремеж кон пророковото стојбиште или бројки колку е издадено од неговата азна за издржување на медресата) не можел да ги преброи во сарајот ни атовите ни сеизите, ги штракал бројаниците над разгорен мангал и го чекал езанот на оџите да му се заблагодари на пророкот за сите добра на овој свет, потоа нагрнат со ќурк и со невидливи гавази зад себе стоел пред нејаките пупки на разбудените каранфили или замислено ја слушал опивната тага на чалгиите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
„Нем“, се инаетеше Миклош, ама се ѕвереше без здив во високите, стрми карпи, намигнувајќи му ѓаволесто на гавазот што каскаше прибрано покрај нив.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
„Имам и гаваз со мене“, без волја процеди Марко, засрамен од заканата.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Калуѓерот збунето се прекрсти неколкупати, но изгледа, прва мисла му беше не да ја теши и тој разлипаната жена, туку да види што се случува со гавазот, кој би можел, чувајбоже, заинтересиран од вревата, да влезе во црквата со исукана сабја.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)