дебне (несв.)
Штамата чмае, штамата дебнее пуста проклета, како ли, боже, чумата в коските сичко стегнала.
„Бели мугри“
од Кочо Рацин
(1939)
Кога се пробиваш низ шума од каприци и пакости, кога те дебне дива и груба похота!
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
На местото од сето она, што царуваше по Белата Долина, тој имаше само една пушка, со уште два фишека, кои не се решаваше да ги загуби вака попусто, а тоа беше една многу несправедлива и лоша замена, невозможна замена, за сѐ друго, што чуваше секоја единка од тој живот околу него, за секое дебнење и секое предухитрување, за секое сурово наскокнување и секакво столкнување очи в очи, што го носеше во своето тело, во сплетот од своите мускули, секој жител на таа бела, диво ризискрена ноќ.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
А тоа негово прашање остана да виси без одговор и да го дебне со својата неодгатливост сета ноќ, исто како оној остар месец. Исто како оној мршар, долу, под него.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Рисот сигурно го дебнел за сето време оној малумен клапчо, сигурно и многу поодамна на него, а сега беше побрз и го однесе во своите заби.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
И мравките, ене ги го изнесле својот одвишок од храна да го потсушат на благото сонце да не им се расипе од зимошната влага, а мрзливиот штурчо дебне отстрана да може да крадне некое и друго зрнце, оти прегладнел за овие три четири месеци лежење под снегот.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
45. ГЛАДНА МЕЧКА НЕ ИГРА ОРО - туку по селото го дебне пленот: не отворај ги дверите на дворот и на сокак не излегувај, жено...
„Куршуми низ времето“
од Љупчо Стојменски
(1976)
А стеблото оголено уште кон небото ја колне подмолноста на болката што ја дебне убавината.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Друго време е, други опасности ве дебнат.
„Добри мои, добар ден“
од Глигор Поповски
(1983)
Непријателските позиции ги преминуваат само мршојадни птици кои дебнат по мрши...
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Татко ти не се шегуваше туку најсериозно го распрашуваше Циган бидејќи тој бесрамен злосторник со часови знаеше да се притаи под некоја гранка на кралчето и стрпливо да ги дебне несреќните пилци.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Кога не ќе драбаше по калиштата на каналот, тепајки гуштери и жаби со нескриено задоволство, кога не ќе дебнеше полузаспани змии, кои, држејќи ги за опашка, или ги треснуваше од некое дрво, или ги вртеше врз својата глава и зашеметени, ги фрлаше далеку во меѓите, тогаш секако се плискаше во плиткото на реката, а богами, без никаков страв, загазуваше и во подлабоки места.
„Црна билка“
од Ташко Георгиевски
(2006)
Всушност тој глас на проклетото суштество или шпионче, кое дебне од длабоката скривница изградена во мојата утроба (во секој случај таа скривница се наоѓа таму негде, добро камуфлирана и непристапна поради недоодната мрежа од коридори) најбезобѕирно ме исмејуваше.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Егоцентрична река.
Упатена накај белото море
па она друго и друго
сѐ додека не се нурне
во овоземниот облик
на бескрајот
- океанот.
Реката е предолго загледана
во својот крај - уточиштето
премногу втренчена во
преобразбата.
Реката така чека и
го дебне мигот
на својата смрт
- слевањето
во другиот.
Од идентитетот ѝ останува
само морската
струја.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
По- инаквата сварност дебне од
сите страни.
Мирисаш на земја
секое семејно попладне.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Кажи: имаш потреба да се скриеш
од сѐ и од секого,
ништо и никој да не те гледа,
така ќе ти биде полесно
да излезеш на крај
конечно на крај
на светот
но барем кажи:
тогаш сфаќам дека
се претворам во некого друг
налик на говорна фигура,
и се гледам со очите на другиот
и не сум сама, не сум јас ...
кажи - очите на јазикот дебнат
саноќ, дебнат везден
јазикот е видовит
гата, прорекува и се провлекува
отаде времето
кога му се испушта да каже
нешто што не треба
кажи: јазикот не е само јазик!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Марширавме само ноќе, зашто денот беше на авионите. Нѐ дебнеа од небо и нѐ закопуваа в земја. Ноќта беше наша...
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Беше свесен дека се нагрби да се бори и конечно да се пресмета, според него со најопасните зборови, како што се јаничари, курбан, башибозук, курбан, башибозук зандана и кодош зандана, кои беа сѐ уште во жива употреба во балканските јазици и често менувајќи ја пошироката употреба, не ја менуваа суштината, опстануваа, дебнеа демнеа како неочекувана опасност.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)