доколку сврз.

доколку (сврз.)

Се истребија ајдуците што земаа склаф. Доколку излезе некој, власта ги гони.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Децата на сиромасите останаа да го поминат летото безгрижно, доколку татковци им не ги приглавија кај некој чорбаџија да му ги враќаат воловите и коњите по гумната.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
На машкиот кат не се оставаат никакви предмети, освен троножните смрекови или тисови столчиња на кои седат домашните и гостите, доколку не седнат на билото.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Над самото огниште на гредите наредени се штици кои го прават таканаречениот „черен“, од кој се одбиваат искрите и го штитат покривачот да не се запали, доколку е од слама или од 'ржање.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Полесно пред Него ќе си го посипуваат лицето со пепел, доколку пепелта ќе е моја, од ова месо и од овие коски.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Му реков, доколку не ми поверува, ќе го треснам по муцка.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Ќе влезат во вештина на чад и низ клучалката доколку не им отворам.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Веднаш испратија извештај за успехот до пашата во Скопје и кадијата во Прилеп, и од обајцата добија заповед бунтовниците да се доведат живи во Прилеп доколку се предадат живи.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Сега знаеше добро дека ќе мора да стори нешто, доколку не сакаше да остане да чмае наполно гладен среде тој снег.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ќе го имаш пак само доколку си останал без тоа негде блиску, за да можеш да се повратиш; но ако си одел без тоа толку долго, за веќе да си имал време да ја свртиш браздата на твојот живот во сосема друга насока по која што те повела таа твоја загубена рамнотежа, тогаш повеќе ни еднаш нема да бидеш во состојба да го побараш и да го најдеш.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Споменатата наративна поетика, колку што дава можности за опфат на големи простори и длабочини, доколку изобилува со меѓници кои те ограничуваат да одиш понатаму во опфатот.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Записот на последната средба на мајка ѝ на Цветаева со пијаното, не ќе имаше смисла доколку таа по еден друг повод не рече: „Песната само тогаш е убедлива кога ја проверуваме со математичка (или музичка, што е исто) формула...
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Музиката во поезијата Зошто би се компонирала музиката, доколку она што го соопштува нотата може да го соопшти зборот?
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Нивниот приод е космички и доколку во моите песни го има космосот, тие ќе го чујат и ќе се одгласат. ...
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Секој софијанец помалку е и градинар, па настојува својата куќа, доколку е со двор, да ја претвори во цвеќарник или, ако тоа не може, тогаш куќата ја украсува со цвеќиња во саксии.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Оваа сала крие во себе уште десетина други помали полилеи, а сите заедно содржат вкупно 4.500 свеќи и тогаш секако мирисало само на парафин, доколку тој не се неутрализирал со миристо на розовото масло.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Кога се наоѓа веќе во Истанбул првата желба е да го видиш Босфор, зашто од овој природен канал патуваш кон приодите на Црно Море и веќе ја гледаш и Азија и можеш, доколку ти се укажува можност, да стапиш еден чекор на нејзиното тло.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Грдо е самофалењето и доколку чувствувате дека имате таква, макар и најмала цртичка во вашиот карактер - побргу избришете ја!
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Што сакам јас? Можеби ништо, можеби самјакот и нема желби или, доколку ги има, тие се поинакви од желбите што ја движат глутницата на неговиот видик.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
3. И пак доколку беше таа, Рубина Фаин уште еднаш излезе пред моите очи, излезе од ништо речиси од некаква линија на мрак и полумрак, слична на нејасен кораб што расне од точка и се доближува низ темни гами додека зад него, зад неговата сѐ појасна силуета, останува повидокот без привлечност и без моќ да предизвика генуфлексилност за осаменикот на крајбрежјето.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Повеќе