досели св.

досели (св.)

133. Константин Порфирогенит (905-959) е византиски цар и автор на повеќе историски списи, меѓу кои и „За управувањето на Царството”, каде што дава многу податоци и за доселувањето и животот на Словените на Балканскиот Полуостров.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
При допуштањето да се доселија готови јужнословенските народности на Балканскиот Полуостров совршено неосветлено останува прашањето за границите меѓу Бугарите и Србите, особено прашањето со какво население беа населени средновековните: Морава, Кучево и Браничево, или, со други зборови, денешното Кралство Србија?
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Влезе, поразговара и запиша во својот список едно име: Стојан Ванков, роден тогаш и тогаш, тоа и тоа, неженет и - доселен по војната од зад граница. „Благодарам“, рече кришум гледајќи кон касата, а тој, Ванков, имаше доверба во него и му говореше со асматично шушкање до душникот за сѐ - какви се цените на пазарот, кога бил најголемиот пожар во некој голем град, каква политика води Черчил.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Во нашата улица се досели ново дете.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
3. Воздухот е расцветан Звуци на запалени бои го опиваат полето И небото почнува да се доселува Во облик на ѕвезда во секој заоблен плог.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Откако се беа доселиле во новиот стан, мајка ѝ на Зорица ги стави тие пердиња за да ги сочува новите тенки завеси од Сонцето, како и каучите и ќилимот. Сонцето да не ги обели.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
Кога се доселивме во новоизградената станбена барака, ми се чинеше дека одеднаш бев пораснала и во оваа куќа треба да преземам улога на домаќинка.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
И намерно не знаат како се викал, едни го крстат Григорие други Георгие, и намерно не знаат ни од кое колено на Акиноските бил, дали од првото што се доселило во Потковицата или од некои од подоцнежните (и покрај што настаните, видовме, укажуваат на првото, врзано е за првите доселеници Турци во Потковицата, конкретно за Арслан бег, но кога човек ќе му обрне внимание на тоа, тие, за да му дадат уште поголема зачуденост на сето ова, за да ја изедначат сета таа историја со божје претсказание, си плукаат во пазувите, крстејќи се бошотат нејасни зборови и избегнувајќи да одговорат или да го продолжат разговорот, итро и брзо ја менуваат темата) но бил стар, мошне стар, и праведник.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Тогаш, кога Акиноските за прв пат се доселија во Потковицата, се пронесе глас, но тоа не беше вистина, дека султанот, Мустафа Челеби, Лажниот Мустафа, (1419-1421 година) за да им го остави Имотот, им понудил да преминат во исламска вера, но кога тие го одбиле, се разгневил и им заповедал на властите да им ги оберат магазите во безистенот во Битола и да ги протераат во Потковицата - за заедно со другите раетини да работат за него.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Плашејќи се одново да започнат со веќе ризичната трговија, и не сакајќи да ги изложат животите, истата година се доселија на Имотот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
- Кажи, го знаеш ли тој пат? ... Во стапиците на оние од Кукулино паѓале лисици, бил фатен и стар, од муцка до опаш побелен волк, еден од оние за кои се говорело дека препливуваат некоја голема река и се доселуваат некаде од Влашко.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Нејасно се радував: по неколку дни бело ќе прснат бадемовите пупки, над ретките потоци ќе се доселат синоглави птици.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
„Не треба само да критикуваш. Со доселувањето во оваа нова населба и ти стана скопјанец.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
По војната во Битола се доселија цели деведесет илјади главно селани, приближно колку што имаше во турско кога таму живееле неколку илјади турски офицери со своите семејства, до или во времто кога Милтон Манаки во Париз купи камера, се врати во Битола и стана првиот граѓанин на Македонија кој ја крена раката пред Неговото Величество султанот на Отоманската империја Рашид и му нареди: „Застанете Височество„“ Неговото височество му се потчини на битолскиот фотограф и така во историјата на уште долго непостоечката македонска кинематографија и на Балканот беше втемелен првиот документарен филм.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Тетка Перса, пред таа да се досели, ангажира молер да ја освежи куќата, дури ја праша случајно можеби сака некоја друга боја на ѕидовите а не бела, Не, ѝ рече Пелагија, те молам тетко Персо, не арчи се, за наска ова е рај наспроти црната дупка во која живееме.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Недалеку од него, во Блатието, во куќарка од протерани рисјани, живееја Турци, доселени од Мала Азија.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Зимата и заборавот се сретнале некаде зад нашите допири и кога се доселиле немо, небаре љубовници се разделиле. ... а толку сакав да ти го цртам аголот на тој лелек на цветот, меѓу луѓе залутан.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
А таму, во Полска, на југоистокот, во испразнетото украинско село Крошченко, создадоа колхоз и го нарекоа „Нов Живот“ и доселија две-три илјади Македонци и Грци.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Метафоричната порака е неизгаслив спомен и нескротена тага по родното место што на своите наследници им ја пренесоа веќе изумрените просвиги кои принудно ги доселија во ова село кое никогаш со срце не го прифатија.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
По посетата на пештерата, некогашната партизанска болница, во која сѐ уште има остатоци од дрвени кревети поставени на три слоеви, фаќаме пат за Пили, по старо Винени, единствено село во Преспа кое по грчката катастрофа во Мала Азија во војната со Турција, тука доселија просвиги – бегалци, од Македонците наречени маџири.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Повеќе