есен (ж.)

Целото лето и есента што шета Силјан со дуовникот и на ден Митровден си дошле во Прилеп и извадил дуовникот пари да му плати на Силјана ругата, колку што беше погоден.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
На есен ќе ти ги вратам...
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
СИМКА: (Замислено). Сите жени на светот се радуваат кога малечките ластовици им јавуваат за раната пролет. Само печалбарката е жална и мисли кога ќе дојде есен.
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Сѐ на ветар!... Есен поминува, зима дојдува!
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Пак да го има секојден некако ќе се тера, ама само од пролет до есен и целата зима седење и дембелење.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
„Моја жалба ете мина, оти либе од туѓина венчан прстен ми донесе, ќе ме земе таа есен.
„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)
Ѕид - студен и сив како есен; во напукнатиот ќош, среде танки нишки на заплеткана пајажина, се скаменил црн, влакнест пајак.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
И така тој по нивјето, по гумната, таа дома — ретко ќе се сретнат до есен.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И ете откаде Карабоја и коли, и продава, и на есен му се намножил булукот.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Есента пак се отвори училиштето и Крле разбра дека Стојан Жиовчев, Трајко Мидмов, Трајко Јанов, Божин Попов и други свршени ученици од IV одделение и I клас ќе одат во гимназија во Прилеп, каде што се отворил пансион.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Во жолтата пустина на есента го барам, она зазеленува.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Пријателе, знам, ти не си секогаш таков, и не се такви сите твои есени.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Пријателе, знам, не е секогаш така и не се такви сите твои есени. Понекогаш ја топлат твојата рака стиховите од ветерот донесени.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
По гола ливада, просто збришана од првиот здив на безмилосната планинска есен, полека чекори подведната старица.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Требаше да ги истргне како детска играчка и да појде да се бие со глава. И уште пред таа есен.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Луѓето не брзаат, како да сакаат со својата бавност да го задржат летото кое и самото не брза на својата традиционална средба со солзливата есен, онаа есен во која човекот е далеку потажен што е сам отколку во пролетта.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
По нивните плитки води до каде ќе стигнам Слушам како умира времето Од есента во студот останува еден плод што праша со усните модри кај ќе стигнам.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
„Марија... во онаа есен требаше да ставиш на глава бел венец.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Есента е богата со соништа иако понекогаш тажна со водата што опаѓа не се плови Ноемврските богати магли со што ли ги дојат реките
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
„Сега имам право и јас нешто да барам од тебе. Земи го мантилот. Надвор е есен.“ ...
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Повеќе