зенит м.

зенит (м.)

Надвор беше сач. Августовското сонце беше во својот зенит и сипеше жар од небото.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
На неговиот зенит веселата светлост се гаснеше.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Околу во калта ринкаат свињи, грачат гуски. Куќата е книжарница - „Нов Зенит“.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Козлето одеше по својот пат, од далечина ја гледаше куќата на Сеген, нејзиниот довчерашен затвор. Беше во зенитот на својата среќа.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Тоа е видливо во животот на Исус, чиј зенит беше неговото страдање на крстот.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Нејзиното враќање се случуваше во зенитот на сталинистичката еуфорија во Албанија и отворените диригирани непријателства кон Југославија.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Кога одлучи во зенитот на својата младост да го напушти Цариград, најчесто доаѓаше во храмот, небаре потсвесно да си ја види сликата на својата судбина.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Јас влегував во земјата во зенитот на единствената прослава во светот на 100-годишнината на Сталин!
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
И сега, кога Татко беше во зенитот на својата потрага по старите отомански документи во кои се сокриваше тајната на идентитетот на семејството, во потрагата по ракописната Атлантида во која се криеше историјата на заминатите и исчезнатите на неговиот народ и другите народи на Балканот под отоманска власт, се префрлуваше во потрагата по природните закони во откривање на еволуцијата на живите суштества во Езерото.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Сите следни денови, кога летото беше веќе во својот зенит, притиснат од сè наоколу врело, се борев со потребата да го раскопам оној гроб, да го дознам и она што, можеби, е подобро да не се знае.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Сонцето само што свива од зенитот по својот широк лак.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Честопати, кога беше во зенитот на потрагата, ги одложував прашањата за сиџилите кои, подоцна, силно ме обземаа.
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Првиот го означуваше времето на зенитот на нејзините западни илузии, на нејзината кратка италијанска пролет, а другиот каталог, времето на источните илузии кога, со своето семејство, ја мина границата, со надежта дека, еден ден, ќе се врати во родниот Лесковик, во Солун на своето детство, во Поградец, градот на своите први рожби.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
XXXIII Мојата последна официјална средба со Јасер Арафат се случи есента 1989 година кога тој беше во зенитот на својата мировна иницијатива.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Може ли да биде во часот кога сонцето го има својот зенит или да го запрам во времето на најубавото што во христијанството им се случило на безгрешните и овие другите, кога воскреснува најсветлото.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Едноставно стигнав до мојот зенит и толку.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Кога ја напушти родната куќа во Поградец крај Охридското Езеро и ја мина границата со семејството, па се најде на другиот брег, во друга земја, со други луѓе, со друга нафака, никогаш не можел ниту да замисли дека неговата балканска скитија по достигната цел во зенитот на младешката моќ во Цариград, ќе заврши во овој град, кој османските султани по неуспешните походи по европските територии кон Рим, Венеција и Виена, го нарекоа, како можеби нивно последно упориште во Европа, Капија на Ориентот.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)