исполни (св.)
И за вистина, Силјане, клетвата од старецот, што ги колна прадедови ни, ни се исполни и до неколку години сите деца од лошата сипаница изумреа и останале сите како црни кукавици без челад; да му е милост на Бога, зер нејќел да нѐ сотре сите, ами и дошол на старата од стариот на сон за да им каже на дедови ни да појдат кај изворите и во едниот извор да се искапат, та ќе се сторат штркови, и да прелетаат бело море и црно, та да појдат во вашата земја и тамо челад да родат и да ги изгледаат, та пак овде да си дојдат и да се искапат во другиот извор, та да се сторат пак луѓе.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Се исполнила куќата од селани, повеќе стари, и секој му велел: „Добре дошол, Аџи Силјане, добре дошол Аџи Силјане.“
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Реформите руско-австриски, штом се меѓународен акт, ќе им даваат право секогаш на Македонците да настојуваат пред големите сили да се исполнат во целост.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
136. Таа задача би можело да ја исполни западнобугарското или шопско наречје, да не беше малку распространето и со многубројни оригинални особености што се немаат во другите наречја во Бугарија, Тракија и Македонија.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
60. Претскажувањата на Мисирков се исполнија – ако се има предвид СР Македонија, но тоа ќе постои како прашање сѐ додека постои поделеноста на единствената земја и единствениот народ.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
МАНОИЛ: Е, што и да се случи, јас навреме го исполнив својот долг. Кој може нешто повеќе да бара од мене!
„Духот на слободата“
од Војдан Чернодрински
(1909)
ДИМО: Ти својот долг го исполни … Во затвор лежеше до вчера …
„Духот на слободата“
од Војдан Чернодрински
(1909)
Господ со љубов да ви го исполни целиот живот.
„Антица“
од Ристо Крле
(1940)
Тода си ја исполни својата посредничка ролја до крај.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
И затоа тој го напуштил тој „божји рај" — Света Гора, и ете го, си дојде да ја исполни заповедта од „сајбијата" од кладенецот Илинец во Сталевата нива сака да му се направи меќани манастирче и дека ќе му направи многу зло на селото, ако не му помогнат во оваа работа.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Но кога Трајко му рече дека е испратен од селаните, а кога подвлече со особен тон дека носи и пари за тоа, владиката го промени тонот на својот разговор и му вети дека ќе им ја исполни желбата на селаните, толку повеќе што го познава човекот и лично, та сака и нему да му направи добро, верувајќи дека со тоа ѝ прави добро на црквата, на верата и народот, бидејќи Петко беше сигурен во секој однос.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Законот на природата неизбежно се исполнуваше.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Таа одвратна маска сака во мене да легне да ечи меѓу младите брегови на соништата и да ги исполни со чадот на стравот и на тагата и да ги исполни со чадот на слабоста пред смеи мечти
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
Оттечуваше како река, исполнуваше еден одреден простор пресечен на перонот крај локомотивата.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Неговата нерешителност им ја распламнуваше смелоста и ги исполнуваше со една мисла.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
А нив веќе ги видовме што прават: јадат, пијат, беснеат и пари собираат за да го исполнат ветувањето спрема кадијата.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Кадијата пламна и рипна од столот: – Како? Мојата заповед не се исполни? – тргна и му се приближи на Суља.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Првиот услов тука го исполнија. Се заколнаа дека го напуштаат Ристоса и му се поклонија на Мухамеда, менувајќи ги своите имиња од Јане на Јунус, од Рампо на Рифат; а за вториот услов Аџи Јане – Јунус бег, предложи да им се остави рок од месец, два, најмногу до Митровден, работата ќе биде свршена.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
И нека не те радува пророштвото на стариот. Нема да се исполни.“
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Дозволувам и јас да бидам еден таков акт до пена закикотен од сознанието дека пророштвото на стариот лесно може да се исполни.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)