крајче ср.
крај м.

крајче (ср.)

Стоев на прсти помеѓу две рамења, гледав само малечко крајче на арената, среќен кога шарените кловнови со големи црвени носишта ќе се појавеа на тоа место. Кловновите ги испратија со весели извици.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Беше и едно заскитано крајче од мислата за тврдата удина, што можеше да му ја донесе оној самјак вчера, просто го имаше нејзиниот вкус, кога ќе се испече едно доста големо крваво парче, делнато од неа и посолено, веднаш на жарот, така што солта да потплуснува додека го печеш, но сега веќе немаше сили, а ни желба, за да продолжи да се губи во тие сонувања и глодања.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Не стаса да забележи ни кога над сета Бела Долина налегна топлата темничина на ноќта: тоа го виде некогаш доцна, кога успеа со едно крајче сознание да дофати неколку закискани писоци на онаа проклета гладна дивина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Во општата мака нејзиното осаменичко седење во ќошот на бараката, на крајчето од постелата, не го забележува никој.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Кала седна на столот каде што седеше докторот и почна да го жулка Илка по лицето и челото, да му турива со лајче вода во устата, да му ја поткрева перницата зад грбот за да му го олесни дишењето, но тој само ја погледна кревајќи ги очните поклопки со напор и при тоа како да се поднасмевна со крајчињата на устата, и таа насмевка му остана на лицето, згрчена, недовршена.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Ко животно од некое крајче на дупката своја. ,Само природата не знае за лага, велеше дедо, нејзината вистина е постојана".
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Секаде по крајчињата од клепките.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Таа крв, како што верува со едно крајче на свеста но без страв и зачуденост, ќе потече низ неговите ноздри или низ устата полна со врел и застоен воздух, Пламените пци не го лижат со врелите јазици, Се собираат над него и ги забуцуваат усвитените муцки во неговата отворена утроба, се хранат со неговата глад, со неговата жед.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Јас претам, се отимам, а едно крајче од стравот пак ми бега кај Горачинов.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Можеби и ги стискале клепките иако можеле да догледаат дека низ порабен облак се покажало крајче зимурлава месечина. Бездруго со изѕемната муцка на бескуќен никаквец.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Со крајче на врелото око почувствував дека вратата се отвора.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Кријам глава зад двете близначки пред мене, им ги фаќам пополека двете крајчиња од нивните плетенки,ги врзувам во цврст јазол и нестрпливо го чекам ѕвончето. Доаѓа и тој миг.
„Прва љубов“ од Јован Стрезовски (1992)
Со последното крајче од свеста го регистрирам нежниот глас на спикерката...
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Спие ли таа или со крајчињата на очите знае што се случува?
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Со крајчето на свеста знае дека Чана нема да ја препушти на милост и немилост на зимата што наидува, знае дека неа и нејзината Митра на иста страна од паланѕата ги има ставено, со иста замислена тежина иако самата смета повеќе од три Митри заедно со внучињата.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
По десетина минути, стариот го симна торбулето од рамото и од него извади две жолти дуњи, две суви китки босилек, едно крајче мувлосан леб и празно пагурче.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Соседите ќе му подадеа паница грав, варена зелка, троа бакардан или крајче погача.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
На крајчињата од очите на Пелагија се појавија зрнца солзи што брзо се слизнаа по образите како низи.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Со крајчето на окото видов нешто жолто-бело како во дијагонала испреплеткано прострелува низ собата.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
- Но сетувајќи дека постарата сестра ја стрелнува само со крајче од окото, придава: - Си можела сепак, Мими, да му донесеш некоја играчка, барем од две илјади динари.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Повеќе