мевце (ср.)
И пазарот се свршува докај ужина, но нашите свадбари ќе преноќеваат и оваа ноќ, да се почестат и вечерва со тава риби, оти света Петка не дава мевце. A за винце — пак ќе се напијат, ако им остане по некој динарец од денеска, ако не, ќе запише Селчанецот, тако што запиша и Мечето од Пушмарка.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Илко се сета дека дедот Карабуклија му рече на дедот Петка, оти тоа џереме не знае друго да работа, ама за готвење (да има мавца, мевце, шеќерец и јајца), рамна во Мариово не ќе ѝ биде ни една домаќинка.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
— Имал к'смет двапати да јаде јаребичко мевце, — и си излезе да види горе што стана со гостите.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Повелете, што се вели, мевце пресно каснете, посилни ќе станете и подолго ќе живеете!...
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Ние мисирчето го чувавме за празник, со чорбичка децата да ги згрееме, со мевце гости да пречекаме.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Јас сум, му одговара некој однадвор, - комшијата Пецо Кацарот. Врати ми ја мисирката, мевце ми се пријало.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Ново мевце му се зафаќа околу бутчињата, му се навиткуваат прасците ко вретенца.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Тоа, според него, се довлекло на ребрест мев од непозната Арапија, сега го ора нивното отечество и не јаде желад, како што не ќе јаде подоцна ни трупки ни моркови, туку бара мевце, жили, души, до последната педа во црно ќе ја завитка земјичката.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Но подоцна попушти срцето на готвачот, така што не само што не фучеше со стапот по него, туку и го викаше подавајќи му парче мевце или коска.
„Прва љубов“
од Јован Стрезовски
(1992)
Така така и ми побегна темното од лицето, очите си дојдоа на местото во глобовите, меѓу коскулињата се појави мевце и повеќе не ми остануваше вода кај клучните коски по капењето во јавната бања.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Ја пие густата чорба, ѝ доаѓаат мевца и без да ги разџвакува, ги голта и се обидува да открие дали некој го заушил нејзиниот старец, дали не ќе проговори Чана дека и нему треба да му се тури од чорбата!
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Од тоа ја обзеде една замелушеност што ѝ ја помати сликата на сето она што се случуваше додека цврсто не заспа: колку и како не се знае, ама Чана ја раздели топлата чорба од петелот со по малку мевце во неа речиси на сите, ја туруваше во саани, во чинии, во месингани чапчиња, во мисури, никој не ја одби нејзината понуда, дури ни Геле Колишев, деверот на Богородица, ни таа, а нејзините синови ја пиеја како да е чај во големи звучни голтки, колку што се сеќава излезе и надвор во темницата, долу во подрумите и ги стоплила момите на Роса со што таа вратила како благодарност голем грст шеќер во коцки за внучињата на Петра, покрај нив, долу открила и други видеуца од свеќи, и ним им дала иако ѝ велеле дека тие се тука од одамна и дека сѐ имаат, дека не се гладни, дека не се мокри, само понадата на Чана никој немал срце да ја одбие.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Ги глодав тенките ковчиња од крилцата долго, бидејќи мевцето брзо падна, ги глодав без да ми е важен ни мирисот, ни вкусот.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Можев да се надевам само на онаа кревкост и благост на мевцето, а потоа на чувството на некаква зафатеност (која во исто време овозможува да бидеш зајден), што ја создава глодањето на ковче.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Второто јадење веќе мирисаше оддалеку - чингано тавче пржен ситнеж; џигерче, бубреже, слезинче, срценце, јаначе, јазиче, окце, мевце околу ребрата - се телешко, од штотуку заклано теле зад куќата.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
- Господе, ако постоиш, чувај нѐ од најлошото и стори полни да ни се ранците со леб и топли чорапи да ни греат нозе, цокули дај ни здрави за да не газиме на босо, панталони и топли шинели стори да имаме сите, маршеви по студено и врнежливо нека нема, од бој да се враќаме неповредени, куршум да не не фаќа и лесни да ни се пушките и стори, Господе, што повеќе топол граф да има барем и со малку мевце, комесарот нека не вика и стори кодошите да ослепат, да оглуват и онемат... Амин...
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)