миленик м.

миленик (м.)

Наш град, кој ни ги отвори широко портите и не пушти во својот храм, каде што виталните стануваат негови миленици и жреци, додека другите исчезнуваат и пред да ја сетат животворноста на неговата молитва...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Се правеше дека не забележува со каков нажален поглед гледа нејзиниот миленик низ прозорецот.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
Во овој посебен свет влегувал само султанот, евнусите, неговите миленици.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Речиси цела Софија сакаше да ги види реномираните советски артисти на циркуската арена и затоа многу тешко можеше да се дојде до билети за циркусот, во кој се појави и прочуениот дресер на мечки Владимир Тин, кој со своите миленици изведуваше речиси неверојатни точки.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Стиховите венци, божји галеници, Гласници лични, божји миленици Стиховите, жар птици, звуци небесници.
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Кога Онисифор Мечкојад испратил стројник со јаболко кај татко ѝ на некоја Донка, домаќинот се согласил да ја омажи ќерката зашто мислел дека ја бара миленикот на игуменијата Минодора, Онисифор Проказник.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Се разбира, со ова мое тврдење не им го одземам правото на оние кои ќе ни го свртат грбот за да го потрошат сето свое време во разговори со миленичињата: кучињата, мачките, пилињата!
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Ги воскресна, ги оживеа и ги врати назад во Библијата, во благословената земја нивна, стокмена меѓу редовите на Светото писание, зашто на земјата немаше место за нив, зашто земјата им ја испоганиле лажните богоугодници, милениците на мракот и темнината.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Или да отвори приватни гробишта за миленици, со капела во кои би се пуштале пригодни песни за една таква, тажна пригода, на пример песнички во кои се велича верноста на песот и милозвучниот глас на папагалчето, и би се раздавале коски и мешани зрна со сипа за душа.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Ќе мора да се смислат и пооригинални комбинации, си мислеше, затоа што и луѓето веќе почнаа да чуваат необични миленици.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Шокот и тагата од смртта на милениците постепено беа заменети со загриженоста што да се прави со толку мртви пингвини.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Јас ги сакам животните. Кога бев малечка, милениче ми беше еден патор. Пред малку размислував за него.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Јадењето беше готово кога од продавницата за домашни миленици му јавија дека поради некаков проблем пингвините сепак нема да му бидат испорачани.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Беше миленичка на средниот брат на татко ми, Трајко Кривошеев, нашиот чичко.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Родителите им беа строги, но многу ја сакаа Томето, како најмало дете, а и најубаво. Таа му беше милениче на татка си.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Јас без плата, а ти со палата јас без покрив, а ти со три ката се колнеш во ќерката, таа малата на крај до балчак ти ја еба мамата Татина миленичка еврата ги спичка со дилерот Лука хорс у вена пука судбина лоша те погоди малер слушам и жена ти имала швалер
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Така повеќе нема да скита. Ќе биде најсаканото милениче на светот.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Неговото домаќинство се состоеше од Киова Индијанецот – неговиот готвач, овците- миленичиња, и полудресираниот којот врзан за оградата.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Го гланцаше мебелот со „Политура“ до висок сјај, а одозгора редеше миленчиња.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Мајката на Александар, Билјана очигледно имаше намера да го замолчи својот сопруг и да му овозможи на својот миленик мирно да си руча.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
Повеќе