морници само мн.

морници (само мн.)

Ме одмери со студен поглед од кое морници ми полазија по грбот и се изгуби зад тезгето.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Морници од страв му го облеаја целото тело.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Морниците што ѝ минаа по телото од она што го чу ја натераа да рече: - Како да тропаше некој, - рече таа.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Мартин му ја прегрна раката, се поткрена кон неговото уво и шепна: - Тате, тој е! – рече и пак ги почувствува сите студени морници како му јурнаа по малото топло, тукушто разбудено тело.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Тој ги пиеше со жедта на своите очи оскудните зраци и секој шум што доаѓаше однадвор го притегнуваше кон прозорецот, иако знаеше дека ќе ја сети пак само ладнината на железото врз челото и сувоста на правта, налепена по сивкавите лушпи на ова одвратно дрво, ќе го заскокотка грлото и сипкава кашлица ќе го наполни телото со морници.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Џемал-ага го почувствува тоа и во неговиот мозок навлегоа студени морници.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Беше трпелив, всушност само чекаше, тука на три метра под него, вршејќи си ја својата работа со една упорност што вџашува; а тој горе беше оној чеканиот и не можеше а да не го сети просто како го престегнува во самата гуша допирот од таквата пеколна морница.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ја слушаше повторно далечната тажаленка на волчото завивање во ноќта и во она, што го чувствуваше притоа, со некакви сосема ситни мравки на морниците по сета негова кожа, што се пронесуваше како лазење од секој близок лелек на гладот, тој го најде првиот допир со својот гостин.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Го гледаше долго тоа парче живот, собран во тоа клопче морници, со лик на штотуку родено јаренце, како стои пред него, уплашено и диво, неподатливо, но сепак од некаде - блиско, со својата добрина, со својата некрвожедност и беззаштитност во оваа провалија на ноќта.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ладни морници му минаа низ телото.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Се собирам, а лицево се прелива, пламнува и згаснува. Морници ме полазуваат.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Под брегот браздата со вода се тенчи, се исукува и како змија се крие низ камењата и лопушките, крај неа пиштат жегалци жедни на ридот се гледа забодена коса со сечилото свртено нагоре кое одвреме навреме одблеснува на сонцето како молња да прелетува и навира морници; чиниш: Архангел со мечот минува или се токми да мине.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Грачи, клетиот, морници в коски да ти полазат, Како да грачи од врвовите на чесната ноќ на оние чии коски ги колваше по боиштата.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Нивниот глас не стасува сиот до ушите наши. А пак, ти крева морници.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Стоиме така и ништо не веруваме. Само се гледаме и намовнуваме. Некои летни морници нѐ лазат и нѐ студенкаат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Морници ми полазуваат, Леме кога ќе си спомнам сѐ што можело да ви се случи за една таква празна, луда работа.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Започнуваше да се развиделува, но матно; селото имаше изглед на вештачки декор, на кулиси поставени за драматика, за морници.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Го призбрчува Горачинов моторот и тера една тажна песна, морници ти скорева.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Осеќам како ме лазат студени морници.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
„Бегај, малечок предавнику, не бутај ме во грев.“ Се свртев и појдов со морници под тилот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе