најавен прид.
најави св.

најавен (прид.)

XIV Пратеникот на Кралската влада од Белград, кој уште од порано беше најавен дека ќе дојде да стапи во контакт со Комисијата, денеска стаса во манастирот.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Се уплашија од претскажувањето на крајот на времето на козите, небаре најавен со ова проклето разденување. Молњата најави дожд.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Пред хотелот „Дајти” нѐ пречекаа нашите домаќини: директори на театрите, режисери, актери, писатели и други без најавени професии.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Без никаков увод, Сретен Јаворов, како што беше најавено, му даде збор на биологот Цветан Горски.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Влатко посака да остане на плоштадот и да го следи настапот на музичките групи: најавени беа познати имиња, а на полноќ голем огномет.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Тој, при тоа, наместо да биде разочаран од најавениот развод, повторувал, Ох, пак даде Господ да ми почини душата!
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Напати помислував, веројатно за да се оправдам себеси, дека се случувало нешто слично и со судбината на јунаците од нашите детски соништа, кои без претходно најавена причина, само заради неконтролирано изречен збор или грешно срочен одговор, ја губеле силата.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Негде во средината на пролетта ( а кој да ја забележи пустата пролет?) пред нивниот влез застанаа два џипа со црвени крстови од страната, под крстовите на едниот македонско писмо, а на другиот грчко, и бидејќи беа најавени со писмо по пошта нив ги пречекаа Пелагија и Чана, меѓу нив трите внучиња на баба Петра и дедо Костадин променети во нови алишта, избањати со миризлив сапун двете девојчиња убаво исчешлани и со панделки во косите, а машкото убаво потстрижно и со патец над левото уво.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
На 30 март му се вратија главоболките. Најнапред најавени од остар писок во главата, уште понеснослив од оној од локомотивите што го означуваа успешниот крај на неговата мисија, само таков што не сакаше да престане.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Со оглед на чудните пресврти по пропаста на Отоманската империја, од Салоник кон Монастир се случувал прилив и одлив на сефардско население во миграции предивикани од воените плими и осеки на новиот 20 век најавен со воени случувања на Балканот, а потоа и со две големи војни што пламнаа низ целиот свет, а особено силно се разгоруваа на територијата помеѓу двата града.  Елеазар бен Цви, значи, ги знае сите факти од животот на монастирлиите.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Многу смешна беше сцената на предавање на позлатениот сервис за ручавање, кој беше и званично најавен и прикажан.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
„Кога заминувате за Вашингтон?” - ме прашува Елен искрено заинтересирана за моето штотуку најавено патување.  „За два дена”, ѝ одговарам.  Седиме во дворот на амбасадорската резиденција под Водно и пиеме пијалаци со многу мраз во чашите.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Кога минувавме покрај Карлтеатарот, видовме дека на големиот плакат поставен пред него беа најавени изведбите на неколку антички трагедии.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Со ништо најавената тишина ја доживувам како нејасна закана.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Однадвор салата му изгледаше сосема обично, но кога излезе на сцената непријатно се изненади: наместо најавената жири комисија спроти него стоеја неколку водачи на африканско племе што не можеше точно да го препознае.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Кревалката е и да крева погрешно паркирани мечти да не направат општ метеж и да ја спречат најавената парада на гордите маченици
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
„Во сабота попладне одиме на гости кај чичко ви Ѓорги на слава“ проговори татко Таки по повеќеминутна тишина, „ Ќе дојдат Ѓуше, Пандора и Тиро со фамилиите, но ќе има повеќе видни гости, грчкио конзул е најавен, некои битолски чауши, газди и стопани, ни јас не знам кој се ќе биди таму, ама, некој ќе е со фамилијата, а сигурно ќе има и некој ерген за женење.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Ликот на таткото, најавен (заедно со библиотеката) како клучен лик и во претходните книги на Старова, е еден посебен тип на чудак, речиси алхемичар, кој верува дека сите книги од неговата библиотека, ако се прочитаат според една и само една точна синтакса, го кријат клучот на балканското историско проклетство, во кое егзилот е неодминлива судбина.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)