неизречен (прид.)
Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече.
„Слеј се со тишината“
од Ацо Шопов
(1955)
На усниве, во мислата, врз душава се втиснати буквите на твојот неизречен збор и велам - добро е.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Моќта на зборот и преку сликата да се доближи до мислата и размислата, е процес што егзистира во поезијата од нејзината праисторија: во генот на зборот е да формира слика, во смислата на сликата е да се крие нејзиниот прародител – светлината и сенката на неизречениот збор.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Традиција беше - неизречена традиција: ја знаеш од некаде, иако никогаш не си ја чул изречена - да те застрелаат од назад: секогаш во задниот дел од главата, без предупредување, додека одиш низ некој ходник, од една ќелија во друга.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
– Тука Хорацио стана од клупата, се загледа кон ситната силуета на гусакот и почна: Ако имаш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече...
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)
А го чувствував или можеби го слушав иако неизречен мојот повик, или молбата за помош.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
А морам да признаам дека за оваа моја неизречена помисла, од која требаше веднаш да се вцрвам, ми се чини дека беше сосема безвредно она што подоцна самиот си го префрлував, дека му припаѓам на суровиот и недоделкан дел од стварноста.
„Летот на Загорка Пеперутката“
од Србо Ивановски
(2005)
-И имај на ум дека само среќните се насмевнуваат бидејќи и неизречениот одговор нив ги радува.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
А сепак девојчето го сожалувам иако со забите одвај ја додржувам сеуште неизречената помисла: „Другар Канчевски, верувај, тоа беше најмалку од она што требаше да ти се случи!“
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
5. И тие дни во кои сонцето само зборува молчат Ветрот мине по грмушките по лисјето душкајќи Лазачите ги штрека глуварките во пројаснетиот воздух ги развева далеку дури татни Тој гром од човечка рака пред портите на гибелта Гласот на ранетата тишина зборовите ги бара По крвта пребарува по ѕвездената роса што посега Месечината и сонцето го менуваат здивот и издивот на трепетните лисја под времето што протечува со копнежот долг по гнездото на песната што се подава Светлина во очите И чело загледано кон идната виделина на бидноста што ќе огрее по насмевката минејќи на сите уморени што сонуваат во заслонот на неизречените зборови
„Елегии за тебе“
од Матеја Матевски
(2009)
Со еден збор отворено му се ругам на мојот потчинет, иако сум свесен дека она неуморно демонче демне над секој мој неизречен збор, го лови со акробатски скокови и му го поднесува на мојот потчинет на начин што јас не можам да го одгатнам.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Неодолива Медитација... Се разбираме со поглед кој зборува повеќе од секоја неизречена мисла, проговорена не обмислена...
„Поетски блесок“
од Олга Наумовска
(2013)