пештерен (прид.)
Низ неа проговоруваат и природата и оној долу во дамнината, некаде во четвртто ледено доба, над дваесет илјади години пред нашата ера, кога ги забележал своите пештерски цртежи, и оној, далеку во иднината што веќе го наслушува нашиот глас и, ене, се одгласува.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Во косата имаше бели прамени, но вистински застрашувачки детаљ беше нејзината малку подотворена уста во која немаше ништо освен пештерска темница.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
- Требало да останеш таму. Пештерски клисар во пештерска црква.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Како низ лут чад што штипе во очите, пред поткосените коленици му се прелеваа една во друга некои сцени препознатливи, а далечни: замрсено клопче од отуѓени луѓе со забавени движења што плетка нешто во безгласна кавга каде да се легне мртовецот - дали да остане на троседот или да се испружи на масичето со висната глава и подвиткани колена додека да дојде нарачаниот ковчег; помалиот син, Гоце, кого не можат да го одвојат од постариот и кој не само што му ја стиска туку и му ја тресе раката, постојано повторувајќи „бате, бате” во пуста надеж дека некако ќе го разбуди; жена му, не помирена ами умртвена од смирувачките средства, веќе забрадена во црна шамија, одеднаш остарена, преполовена и смалена, стопена како грутка снеговна на дланка, со прачки од раце во празниот скут; свеќата што гори над дамкосаното чело на Нако, што станува восочно до проѕирност; миризбата од козметиката на снаата, нешто меѓу темјан и колофониум; мувла од пештерска црква, а сè во мансарда од новоградба; испиени лица на светци од икони а само смртни грешници со подуени модрини под очите.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Крвта циркулира, мозокот пумпа крв, рацете лачат мравја киселина, дното станува површина, постконцептуален артизам, естетика на очај, пештерски ларпурларт. (Се враќа на нозе.) Не сум среќен што сум жив, морам да се залажувам со што ќе најдам.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
(напати ти се привидуваат
пештерните манастири околу
Белото, лихт луминозно езеро
- она понасевер од Делфи
и од Костур -
светилиште само по себе
облиено со внатрешен сјај
од белки на монахинка
среде коишто, во драматичен контраст
се вовира зеницата, духовниот рез);
- многу мислиш, а малку искажуваш
јазикот за тебе поскоро е молвење
од разговор, сѐ е ВНАТРЕ
и ти, и Тој, и исказанието
и дослухот меѓу вас
и предметот дури се вовлекува
во тој, невидлив за другите, Круг;
- и повеќе не правиш разлика
меѓу искреноста и вистината
со денови се повлекуваш во себе
секнуваш, понираш, остинуваш
стаписан, онемен, оти си согледал:
не е лесно да се биде искрен!;
- и повеќе не е битно дали нешто
те повикува без престан
да му припаднеш, сестро Варваро
или просто посакуваш
од дното на душата
од нејзината небесна бездна
да постоиш блажено
во согласје со себеси
и навистина повеќе ништо
друго не е суштествено
освен:
да ја бараш сопствената сенка
сѐ додека не си соѕидаш самица
а во неа си - Лице без сенка:
м-о-н-а-х!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)