потсетува (несв.)
Тоа и се заборави скоро, без туѓо пријатно потсетување за него.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Тоа нѐ потсетуе исто така на задачата со која што бездруго треба да се нагрби секој еден културен работник од нашата Народна Република, а имено: прибирање и печатење народни песни.
„Од борбата“
од Блаже Конески
(1950)
Блед и бигоросан - потсетуваше на мртовец.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Ја познава секоја стапалка шума и сето тоа го потсетува на неговото детство и среќните дни, кога таму ги пасеше овците, свиреше со кавалот и мечтаеше за својата идна среќа: како ќе се ожени, како своето прво синче ќе го води со себе да го запознае со пределите на шумата; како ќе му влее кураж да не се плаши од волците; како тоа ќе ги пасе овците и јагнињата, и најпосле, како и тоа ќе биде домаќин, како што е татко му Петко, и тој сам што ќе биде.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Последниот глас, тој штрбав тенор, потсетуваше на зовриена течност во огромна епрувета и панично делуваше, и тој знаеше дека смртта не треба да ја молат, кога е веќе негде над нив невидлива и пак спремна да влезе во хазардната игра како вечен играч и вечен добитник, да спечали, зашто растеше врз врелината на омраза и ги набабруваше како меури многуте побунети очи.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Се обиде да стане, во својот смрзнат страв да му се спротиви со извик, но во неговото грло крикот само кркореше; ни одблизу не потсетуваше на едно липање оставено еднаш во една тешка ’ржана зрелост.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Потсетуваше на неприготвен ученик. Се нишаше и со несигурен глас говореше брзајќи да ја скрати непријатната ситуација.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Сѐ пулсираше, потсетуваше на живот пред смрт: ритмичкото удирање на развигорот, бавното нишање на тревките, лилавото испарување на земјата.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Малата главичка на офицерот не е обрастена со влакна. Сепак тој потсетува на еж.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Тие дразнат, предизвикуваат лутина, потсетуваат, по звук и боја, на стар грев.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Таа знаеше што барал под креветот но не сакаше пак да го потсетува на случката и да го срами.
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
Без блиски, без жени. И без ракија - зашто нејзиниот вкус потсетуваше на една недалечна смрт.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Неверојатно личеа еден на друг и затоа, додека се менеа, остануваа слични и потсетуваа на еден смолар од планината што воздивнуваше загледан далеку кон долината жолта од густ плод.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Посува и поковчеста отколку што ја знаеше потсетуваше на стара и строга мома од литературата на деветнаесеттиот век и беше вистинско чудо зошто не креска кога говори туку има мек и по малку тажен глас натопен со збунетост. „Вистина е“, му рече. „Јован е на лекување.“ Отец Симеон се наведна гмечејќи ја допушената цигара со врвот на својот чевол.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Гледајќи во суво опуштената долна усна на претседателот, Глигор се потсетуваше на првите дни од иследувањето.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
- Ти верувам, само... само дистанцата што ја создаваш меѓу мене и тебе ме потсетува на нешто...
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Шепотливо плискаат брановите во невидливите карпи таму долу како да го повикуваат и потсетуваат и му забележуваат за нешто, како да го опоменуваат за нешто многу важно што тој го заборавил.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Набргу во зглобовите и во глуждовите почнаа да му се раѓаат и сите заборавени оловни кугли на болките од поминатите донови, потсетувајќи на сите изминати порази и растворувајќи ја неговата ситна радост со прекрасната утрина и со својата храброст како капка во море.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Болеше глуво и постојано тоа сознание за старецот, беше една судбинска болка за животот, што еднаш мора да заврши, и тоа сега на сите оние трагови од неговите старечки раце во овие простории им ја даваше болната можност да потсетуваат на себе тажно.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Тој малечок воопшто не сфаќаше дека она, што се случуваше надвор, беше само еден сон, само едно потсетување и само едно парење, кое допрва требаше да се носи низ утробата на шумата.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)