пресмета св.

пресмета (св.)

Пресметуваше. Една смрт под негов нож и неколку спасени животи.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Трескаво пресметуваше и остана поразен: од неговиот стан го делеа десетина улици.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Ги брои тешките чекори, пресметува, погодува.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Почнав да пресметувам колку има до мојот воз и не можев да пресметам.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Не брзаше да надене некого на рогови без да го пресмета тоа со сила на најголем разум на светот.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Навреме пресмета и навреме беше в заседа: кога врз меката светлина на театарската испразнетост легна сонлива тага, тој беше в сенка и самиот сенка, темна и непривлечна закрпа на ноќта, па се насмевна кога се сети на смоларите и нивните копнежи по врело месо...
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Шумовите во собата го тераа да мисли на Јана и да ја сонува, не в парк, каква што ја знаеше, туку в кревет со тој црн лекар, одмерен и пресметан дури и во љубовта.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Глигор сѐ поодредено чувствуваше некакво жестоко задоволство поради тоа што, еве, ги собрал - тој и никој друг - сите оние со кои требаше да се пресметува, добро да се погледаат очи в очи.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
-Секогаш сум се плашел од случајности. Сѐ е пресметано, до тенкости проучено и, наеднаш, стоп. Слушај, Арсо, за сега не. Да појдеме горе и да размислиме.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Бројката сосем го обзема, му поигрува во главата, му прелева врелина и пот, па тогаш со сигурност и со нетрпение почнува да пресметува: најважно и најпрво ќе направи куќа.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
- Објаснете ми убаво за она што се случило некни кај оние ваши колиби... За она пресметување и сѐ друго.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Многупати учителот на часовите по сметање нѐ тераше да пресметуваме колку пати ѕвончето во годината ни штракнува од еден час до друг, или од еден одмор до друг.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Мегалон, затворен во својот прекрасен дворец, од утро до вечер сметаше и пресметнуваше колку пари ќе му донесат неговите житни полиња, неговите маслинарници, неговите бродови.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Дури кога со кожата од волчицата исполнета со слама тргнал од село до село да собира дарови, луѓето виделе со какво ѕвериште успеал да се пресмета Димитар Волчарот, па гласот за него се проширил и по селата зад планината.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
25. НА СВАДБАТА ЗГОРА И АРАЧНИКОТ МУ ДОЈДЕ - оној службеник ревносно што собира наем, а, пак, јадењето, пиењето и свирките тој ден ги пресмета во тефтерот за доживотен заем...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Набљудувајќи го поленот под микроскоп, пресмета дека во еден цвет од јаболко има околу сто илјади поленови зрнца; во цветот од божур, околу три милиони; во реса од леска, околу четири милиони; во реса од бреза околу шест милиони; а пак во ресите на брестовите и костените по неколку милијарди поленови зрнца.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Затоа Константин е можеби повеќе напрегнат додека го слуша збивањето на другиот и со слух може да пресмета колку е тој оддалечен од него.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Уште пред да се пресмета каде, кога и како ќе биде убиен големиот деспот, на 5 март во 1905 година, во рацете на еден преусвитен атентатор, некојси Киндеријан, се распрснува бомба од чии шрапнели гине, меѓу другите, и Кристофер Микелјан.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Кога ќе пресмета дека човекот и е грешка, ќе го повлече во своите бездни и ќе ослободи место за посилни.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Трет нивни мртовец, рекол во себе давајќи му некое посебно значење на броењето небаре потоа полесно ќе можел да пресмета колку живи останале на целата човекова земја, но веќе сметката се менела: видел како паѓа уште еден од последен истрел во таа битка и видел како двајца од две страни со неприфатливо исти движења и исти искривени лица збрцуваат еден во друг презашилени алатки на смртта, едниот сличен на мртовецот пред неговите нозе, другиот неповторливо сив и влакнест, со обетка на увото.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе