сегмент (м.)
Ја откривам сликата од перспектива на детската меланхолија – дедо тивко се движи низ собата, гледајќи ме, потоа го раскрилува прозорецот, бучавата од улицата допира до мене, постепено, неумоливо губејќи се, тие проѕирни моменти што постојат само во еден сегмент на нашето минување, а чии траги се одблесоци, одзиви на нашата тага.
„Пловидба кон југ“
од Александар Прокопиев
(1987)
Првиот чекор се вика сегментација и во него целата површина се дели на сегменти кои се кандидати за различни смислени целини на сликата.
„МАРГИНА бр. 3“
(1994)
Студијата која ги обработува основите во тестирањето на пропагандните пораки укажува на следното: 1) ефектот на пропагандната креација не може да биде измерен доколку барем два пати не е изложен на перцепцијата на целниот сегмент на побарувачката (терк); 2) секое препознавање на целите на истражувањето од страна на испитаникот ја докажува погрешно избраната метода; 3) секое истражување се спроведува со споредување на резултатите од контролата и експерименталната група; 4) тестот на присеќавање се прави како со така и без помошта на испитувачот; 5) се мери степенот на преференција во одредена група производи; 6) се мери поттикот за купување и се утврдуваат конкретните причини; 7) тестирањето се спроведува на еден дел или пак на целиот пазар.
„МАРГИНА бр. 11-12“
(1995)
На ова се надоврзува и неговиот пристап кон монтажата: педантно чување на неуспешни, безвредни сегменти од филмот, од една страна како сочувување на автентичноста (кај Ворхол нема лоши кадри или лоши актери: „Обичните луѓе се феноменални... снимајќи ги, не можете да направите лош филм“), и од друга, како мета на специфичниот фалш
„МАРГИНА бр. 15-16“
(1995)
Да му се понуди на еден идеолошки систем од комунистичка провиниенција кој за своја херојска историја го подразбира својот антифашистички ангажман - имиџ на симболот на “фашистичкото, то ест нацистичкото зло” завиткано во уметничка амбалажа беше суптилно испитување на можностите за слободно користење на извесни културни сегменти претходно цензурирани и забранувани, но и барометер кој покажа дека режимот за кој генерации и генерации југословени мислеа дека никогаш нема да замине од политичката сцена веќе беше на почетокот на својот крај.
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Најголем дел од нив се обични рециклатори на просечноста, а единствениот сегмент на харизматичност е нивната затскриеност зад неколку високотехнологизирани трикови.
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Бројни показатели сведочат дека популарната музика во последното десетлетие стана најважен сегмент на популарната култура (на крајот на краиштата, за растечката важност можеме да судиме веќе само од вонредно зголемениот број на најразлични напади врз неа), додека музичката телевизија (во мислите ми е пред сѐ MTV) за помалку од десетлетие стана централен орган на целата популарна култура.
„МАРГИНА бр. 32-33“
(1996)
Не постои стратификација, цели културни сегменти само имитираат (сѐ би било супер да сме декор на некоја џиновска постмодернистичка претстава!) активност и дејност, како некакви фантазмогорични кафкијанско- надреалистички фигури осудени на пар репетитивни движења навака-натака (до министерот, по пари, и назад, да се поделат).
„МАРГИНА бр. 10“
(1997)
Фонетските сегменти, фонетскиот збор, слог или одделен звук станува сигнатум на графичките знаци во системот на писмо.
„МАРГИНА бр. 37“
(1997)
Со самото тоа што до ден-денешен многу народ ја памети песната (Шарам- барам, лево-десно, овде онде ми е тесно) може да се тврди дека таа беше и најуспешен сегмент на овој серијал.
„Филтер Југославија“
од Константин Петровски
(2008)
За Албер Ками, распнат меѓу медитеранските екстази од детството младоста и пресметките со европската историја, ова раздвојување на животот, го предизвикува чувството на апсурдот, кое ќе ја структурира во сегмент од филозофски систем...
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
И така, откако ги погодив сите раскопани сегменти на асфалтот (бидејќи, знаете во Скопје не се градеше волку ни после земјотресот, и нееее, не ми беше намерата со ова да го пофалам сегашниот градоначалник), по синдромот на Кнез Мишкин, кога пазите нешто да не нацапате, неизбежно го нацапувате, или да ја преформулирам реченицава за да звучи пооптимистички: ... и така, испречувајќи им се на патот на неколку веќепостоечки вирчиња со вода или можеби беше масло од автомобили, не знам, кои одамна си беа заземале место на паркингот пред канцеларијата, конечно, стигнав на работа.
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
Извесни подобрувања на положбата на работниците имаше во овие сегменти: полното работно време од 42 се скрати на 40 часа неделно; максималното траење на прекувремената работа de iure се скрати од десет на осум часа неделно и се утврди на 190 часа годишно; воведени се низа т.н. „антидискриминаторски одредби“; воведена е и општа забрана на ноќната работа за малолетните работници и за работниците над 57 години старост – за жени и над 59 години – за мажи, а беше предвидена и можноста, работниците на кои не им се исплатени плати и придонеси три месеци едноподруго – да иницираат (стечајна) постапка за престанок на правното лице во кое работат.
„Обезвреднување на трудот“
од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев
(2010)
Четири години подоцна, со четвртата измена на ЗРО (2005), од октомври 2009, пак се интервенираше и во овој сегмент – па во членот кој предвидуваше објавување на слободните работни места од страна на работодавачот, се изврши прецизирање дека, покрај другото, во јавниот оглас треба да го наведе и рокот во кој, по истекот на рокот за пријавување, ќе се изврши изборот – доколку, се разбира, со друг закон поинаку не е определено (чл. 3, ЗИДЗРО/окт.09).
„Обезвреднување на трудот“
од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев
(2010)
8 Во овој транзициски период, преку измените на ЗРО – кој, како основен закон (lex fundamentalis), ја игра улогата на своевиден „работнички устав“, работничките права особено се влошија во следниве сегменти: драстично се намалија правата на работниците кои се прогласени за „технолошки вишок“; воведен е отказ без отказен рок; значително е отежнато остварувањето на правото на штрајк; намален е законски гарантираниот годишен одмор; овозможено е, преку дефинирањето на работното време, работникот да биде натеран да извршува какви било работни задачи, а не само оние кои се соодветни на неговото работно место и квалификации; а временскиот период за работа на определено време беше продолжен од една, дури на пет години.
„Обезвреднување на трудот“
од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев
(2010)
Токму затоа, запознавањето со судската пракса, односно со прецедентното право за работните спорови, е важен и поучен сегмент во борбата на работниците за остварување и заштита на своите права од работен однос.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“
од Димитар Апасиев
(2011)
Таа направи мала пауза, чекорејќи првин лево, а потоа десно, со одмерен ритам во звукот што во допирот со паркетот го оставаа високите штикли, (тоа беше вообичаено на нејзините предавања непосредно пред да го изнесе заклучокот) и, кога оцени дека концентрацијата на слушателите го имаше постигнато потребното ниво, им се обрати тивко, со зборови кои се голтаа во сиот нивен волумен, како пластични апови до пукнување исполнети со кислород: „Мили мои осамени срца, добро запомнете, кругот за кој зборувавме функционира во секој сегмент на општеството, отсекогаш и насекаде.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)
Во мигот низ свеста ѝ проструи добиената анонимна „интернет мува“ со мал сегмент кој сведочеше за автентичноста на материјалот.
„Полицајка в кревет“
од Веле Смилевски
(2012)
По подолг период може да се зголеми нејзината модулација и од страст да премине во највисокиот емотивен сегмент. Го нарекуваме љубов. ***
„Читај ми ги мислите“
од Ивана Иванова Канго
(2012)
Она што целосно ќе ни стане јасно со оваа нејзина нова збирка е напорот на Вероника на поезијата да ѝ го прокрчи патот до сите пори од животот, до сите сегменти, до секое катче давајќи ѝ ја секогаш нотата на современост и актуелност.
„Зборот во тесен чевел“
од Вероника Костадинова
(2012)