стапиште (ср.)
Но јас веќе знаев кој е со него и дека тој што е со него е изврзан со гнил ремен, ишаран од стапиште со модрици и безумен како и секогаш зашто до мене достаса најпрвин неговиот глас - „Не давај ме, внуку, на никаквециве, ќе ме обесат“ - потоа јасно го видов како се ниша килав пред својот внук и судија и како плаче кикотливо, ја видов таа безначајна празнина во лита и скудна облека на која никнала долгнавеста тиква со влакна, но тоа е сега прикаска што мојава улава старост ја раскажува со чувство на посничка осаменост пред друга, калуѓерска и божја, бездруго свето дрво што размислува над туѓи мисли и се моли над туѓ грев, на оние што веќе ги нема, што се прав како што ќе сум и јас утре прав, јас, Лозан Перуника, дамка од дамките на минатото и вчерашна жива смрт од дружина на мртви луѓе, и тие вчера со гнев и јад во секоја капка на крвта вчера, кога и јас, и сирак и главен терач на туѓа двоколка со сив ѕевгар, сонував и живеев зелено, зелен во една земја што помеѓу топењето на снегот и сушите на болните лета не знае што е зелена пролет, зелен април или зелен мај, и знае или можела да знае што е зелен страв пред чудовиште оплодено од еден друг господ во градината во која се преселиле од рајот женското петле Адам и неговото ребро со женска коса, женски колкови и женско умеење во гревот да посади боцки од кои душата станува жива рана.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)